Фондацијата „Тиквешки вински пат” ја вклопува Македонија во Балканската и Европската културна патека.
Како што рече денеска директорот на Фондацијата Виолета Јанкова, во тек е правната постапка за регистрирање на новата Балканска културна патека во која членуваат повеќе земји, а водилка е токму Македонија.
Следен чекор, по сертификацијата, е земјава да стане 34. културна патека во Европа.
– Неодамна, заедно со Министерството за култура ја промовиравме Балканската културна патека. Таа во моментов се сертифицира, а Македонија ќе биде нејзин претседател. Со тоа ќе се потврди како земја со огромно културно наследство кое се однесува на винската култура. Побрзо и поадекватно ќе се брендира како винска земја. Преку соработката со балканските земји, ќе се понудат заеднички туристички програми и аранжмани. Ќе може да се аплицира и за некои транснационални фондови чија сфера на интерес е туризмот, појасни Јанкова.
За сето тоа, додаде, е неопходно исполнување на многу строги критериуми.
– Но, ние напорно работиме на тој план уште од 2007 година, а резултатите доаѓаат. Деновиве во Литванија се одржа шестиот Советодавен Форум на Советот на Европа, на кој, меѓу другото, стана збор и за проширувањето на културните патишта, со вклучување на земји од Северна, Источна и Југоисточна Европа. На форумот беше промовирана и Балканската културна патека, преку која во иднина и Македонија ќе го развива туризмот, особено винскиот, истакна Јанкова.