Министерката за Труд и социјална политика, Фросина Ременски, побара од заменик министерот Диме Спасов да си поднесе отставка поради нарушување на угледот на министерството како и поради неодговорното постапување за функцијата која ја врши.
– За приватни цели и интереси против законски располагал и управувал возило на Агенцијата за вработување на Република Македонија за што не постои некаков документ за користење, решение, полномошно или налог. Ја загрозил безбедноста на патниците во сообраќајот, нанел штета на автомобилот што го управувал и на возилата што ги удрил, вели Ременски.
Спасов, како што вели Ременски, противправно трошел средства за гориво на Министерството за труд и социјална политика за потребите на возилото кое не е во сопственост на министерството.
Ременски побара од Министерството за внатрешни работи да го расветли инцидентот поврзан со дополнителниот заменик министер со што ќе се покаже неселективност во постапувањето и еднаквост на сите граѓани пред законот.
Според Ременски, Туарегот со кој заменик министерот направил сообраќајни прекршоци е во сопственост на Агенцијата за вработување и не е единственото возило кое тој го користел надвор од работното време. Како што вели таа, Спасов противзаконски, освен со Туарегот, располагал и со уште други три возила кои од страна на Владата на Република Македонија, на 12 август 2015 година се дадени на трајно користење на Агенцијата за вработување.
– Ова значи дека освен дополнителниот заменик министер, Диме Спасов, директорот на Агенцијата за вработување противправно и спротивно на Правилникот за користење службени возила во сопственост на Агенцијата за вработување овозможил возилата од Агенцијата да бидат на располагање на неовластени лица надвор од работно време и надвор од работни задачи, рече Ременски додавајќи дека поради сето ова ќе достави пријава до Владата на РМ и надлежните органи за злоупотреба на службена положба и овластување од страна на директорот на Агенцијата за вработување.
Како што вели Ременски, се преземаат мерки за возачот во Министерството за труд и социјална политика кој ја презел одговорноста за инцидентот во саботата, а не е возач на дополнителниот заменик министер.
Исто така, министерката извести дека службената картичка на Спасов не била блокирана и дека тој ја користел за сопствени потреби исто како и возилата од Агенцијата за вработување.
Виктор Јованов