Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром вчеравечер се поразени на гостувањето кај Мега Лекс со 87:72 во меч од 7. коло од АБА-лигата.
„Сино-белите“ без повредените тројца првотимци (Дреновац, Клоф и Симоновски), не можеа да го избегнат шестиот пораз во регионалното натпреварување, иако во повеќе наврати резултатски се доближуваа до домашниот тим.
Американецот Џош Скот со 22 поени и осум скока беше убедливо најдобар кај аеродромци и тоа со само едно промашување од поле (6/7) и 10/12 од линијата за слободни фрлања. Јуре Лалиќ постигна 15 поени за 15 минути, а Ксавиер Темс застана на 13 поени. Стојан Ѓуроски имаше солидно деби со шест поени (две тројки) и пет скока.
МЗТ шансата за втора победа во АБА-лигата, пак, ќе ја има следната недела, кога во „Јане Сандански“ ќе гостува Унион Олимпија.
Вториот македонски претставник во ова натпреварување, тимот на Карпош Соколи вечер од 21 часот игра токму со Унион Олимпија.