Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, по повод одбележувањето на државниот празник 23 Октомври – Денот на Mакедонската револуционерна борба, упати честитка до граѓаните на Република Македонија.
– Денеска, на 23 Октомври го прославуваме денот кога во далечната 1893 година шестмина Македонци сплотени ја создадоа првата семакедонска организација која ги даде основните насоки за создавање слободна, независна и суверена македонска држава. Нивната мисија го обедини народот на Македонија, независно од етничката, верската или јазичната припадност во заедничката борба за слобода, државност и независност, вели во честитката Иванов.
Годините кои следеа, посочува претседателот, носеа жртви и искушенија.
– Имавме многу изгубени битки и погубени воини. Но, борбата за слобода не запре. Патот до слободата што го започнаа шестемина родољуби, го продолжија нашите комити и партизани, нашите илинденци и борци во Народноослободителната и антифашистичка борба. Пред 25 години, на 8 Септември 1991-та, на нашиот трет Илинден конечно се оствари вековниот стремеж за слободна, самостојна и независна Република Македонија како демократска држава во која сите се рамноправни и еднакви, подвлекува во честитката македонскиот претседател.