Управата за безбедност и контраразузнавање одбива во просториите и денеска да има присуство на обвинители од СЈО. Специјалното јавно обвинителсто со соопштение информира дека им е забранет влезот но имало гаранции од Управата дека опремата и податоците ќе бидат обезбедени.
“Во врска со вчерашните случувања во Управата за безбедност и контраразузнавање Ве известуваме следното:
Од наша страна, откако беа прибавени поголем дел од податоците, а со цел целосно спроведување на судската наредба, во текот на вчерашниот ден беше побарано од Директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање да дозволи физичко присуство на истражители од ова Јавно обвинителство во просториите на Управата се до доаѓањето на надворешниот експерт кој би асистирал при спроведување на судската наредба.
Ваквото наше барање не било прифатено, за што денес добивме и писмен допис од Директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање. Со овој допис бевме известени дека Управата како институција овозможува гаранција дека опремата и системите кои се предмет на наредбата во целост се обезбедени согласно прописите за класифицирани информации и дека барањето не е прифатено и поради почитување на принципите на тајност на функционирање на Управата, вклучувајќи ја и конспиративноста на идентитетот на припадниците на Управата.
Предвид наведеното одговорноста за обезбедување на опремата и системите, до пристигнувањето на надворешниот експерт, во целост е на товар на Управата за безбедност и контраразузнавање.
Појаснуваме дека компјутерските податоци кои треба да се одземат ќе овозможат утврдување дали се вршени манипулации со системите или се бришени одредени податоци. Воедно ги имаме предвид и гаранциите на Министерот за внатрешни работи, кој во текот на вчерашната вечер, а и за периодот што следува, се до доаѓањето на надворешниот експерт, презеде дополнителни мерки за обезбедување на кругот на Министерството за внатрешни работи, каде е лоцирана и Управата за безбедност и контраразузнавање“, напишаа од СЈО.