Чешкиот министер за култура Даниел Херман изјави дека претседателот на државата Милош Земан лично го повикал да ја откаже средбата со тибетскиот водач Далај Лама и во спротивно му се заканил дека на неговиот чичко Јиржи Бради нема да му го даде планираното одликување, јави дописникот на МИА од Прага.
Бради, кој ги преживеал концентрационите логори во Терезин и Аушвиц и целиот свој живот го посвети на пишувања и предавања за ужасите на Холокаустот, претходно најави дека од Претседателскиот Кабинет бил информиран дека на 28 Октомври ќе добие државна почест.
Според министерот за култура, неговиот чичко повеќе не се наоѓа на списокот на луѓе кои ќе бидат одликувани на денот кога Чешка ја одбележува независноста на Чехословачка обновена на 28 октомври 1918 година.
Портпаролот на претседателот Јиржи Овчачек изјави дека во јавноста не бил објавен список на оние кои официјално ќе добијат награди на државниот празник.
Инаку, МИА информираше дека заради средбата на Далај Лама со министерот за култура Даниел Херман, вицепремиерот Павел Бјелобрадек и министерот за човекови права Јиржи Динстбир, Кабинетот на претседателот излезе со официјално соопштение за почитување на територијалниот интегритет на Народна Република Кина.
Изјава за поддршка даде и премиерот Бохуслав Соботка, на што аналитичарите и останатите политичари коментираа дека на тој начин се покажува сервилност кон Кина.
Далај Лама, во Прага учествуваше на Конференцијата Форум 2000, која традиционално ја почна неговиот голем пријател, поранешниот чешки претседател Вацлав Хавел, кој почина во декември 2011 година.