Советот за етика на медиумите на Македонија (СЕММ) го осуди физичкиот напад врз новинарот на „Телма“ Павле Беловски и смета дека со такви инциденти и опструкции сериозно се загрозува слободата на медиумите и правото на јавноста да биде информирана.
– За СЕММ е целосно неприфатливо на каков и да е начин да се спречува професионалната работа на новинарите, која треба да биде ослободена од какви било закани и притисоци, соопшти СЕММ.
Насилството врз новинарите и медиумските работници, оценува Советот, е сериозен проблем, за кој е потребен системски и координиран одговор од надлежните институции. Апелира до нив да преземат соодветни мерки за целосно расветлување и расчистување на инцидентот. Решавањето на случаите од тој вид, истакнува СЕММ, ќе го обесхрабри повторувањето на ваквите чинови на насилство и притисоци врз медиумите.