Еврокомесарот Јоханес Хан по завршувањето на средбите со лидерите на четирите најголеми политички партии, Специјалната јавна обвинтелка и дел од невладините организации истакна дека има напредок во поголем дел од реформите.
– Новата влада ќе има задача да го следи Европскиот пат. Изборите се значајни, има политичка нестабилност веќе две години, што не беше добро за земјата и влијаеше врз економијата, постои регионална, европска и глобална конкуренција. Треба да се фокусираме да се работи на еднаквоста на граѓаните, да се зголеми економијата и да се зболеми вработувањето. Мора да видиме временска рамка како ќе се случуваат реформите, а не само да слушаме извинувања за тоа зошто не се навремено имплементирани реформите, рече Хан.
Според него, ова набљудување на земјата е позитивно, бидејќи Македонија е веќе стабилна земја. Хан додаде дека за изборите се значаен процес, чекор за да се врати патот на земјата кон европските интеграции.
– Разговарав со сите клучни играчи за изборите и нагласив дека тие се спроведуваат на начин кој што никој потоа не би требало да го критикува овој процес. За време на изборите ќе бидат присутни ОБСЕ и ОДИХР, како и вашите институции кои се грижат изборите да се одржат на најдобар начин, рече Хан.
Еврокомесарот ги повика партиите да се погрижат Специјалното јавно обвинителство да работи без опструкции.
– Има различни идеи и предлози за законите за СЈО и за заштитени сведоци кои зависат од интересот. Значајно е да се гарантира дека дека СЈО може да работи независно, непристрасно, но од друга страна и да го применува професионализмот. Сметам дека е значајно таа да ги искористи сите можности кои ги има и да се види крајниот резултат, а не да се злоупотребува начинот на кој таа работи, рече Хан.
Тој нагласи дека останува отворено прашањето за Изборната единица 6, за која партиите мора да најдат решение.
– Значајно е и како целата кампања ќе се спроведе од различните страни, значајно е да не се создаваат меѓуетнички тензии. На денот по изборите луѓето мора да се видат повторно и да работат заедно. Во повеќето од земјите, околу 70-90% од одлуките се донесуваат со гласовите на опозицијата, тоа е тоа што е потребно, она што недостасуваше во земјата, потребно е политичка дебата во рамките на парламентот, не сум наивен, повеќе од 40 години сум политичар, знам што се случува, сум поминал низ разновидни кампањи, прво размислете што кажувате, што правите, каква е вашата реализација, дали е лична и навредлива, рече Хан.
Тој ги повика младите да ја искористат можноста и да го дадат својот глас на престојните избори, бидејќи малата излезност на претходните парламентарни избори е индикација за демократијата во државата.
Александар Тодески