Лидерката на Шкотската национална партија (СНП) и прв министер на Шкотска, Никола Старџен изјави денеска дека нејизната Влада подготвила закон за нов референдум за независност на покраината.
На партиската конференција во Глазгов таа на делегатите им соопшти дека законот ќе биде објавен во текот на идната недела.
Ваквиот потег на шкотската Влада и на водството на СНП, претставува прв чекор кон организирањето на уште еден референдум за отцепување на Шкотска од Велика Британија.
Првиот референдум се одржа на 18 септември 2014 година и на него 55 отсто од Шкотланѓаните се определија за останување на Шкотска во рамките на Обединетото Кралство. Други 45 отсто беа за отцепување.
– Шкотска има право да бара нешто подобро за себе, наместо перспективата за нестабилна иднина, доколку остане во рамките на Британија, рече Старџен.
Таа порача дека е „наполно сигурна оти земјата ќе може да го преразгледа прашањето, уште и пред Велиа Британија да ја напушти ЕУ, доколку тоа се покаже како потребно за да се заштитат шкотските интереси“.
На референдумот од 23 јуни, големо мнозинство од 62 отсто од гласачите во Шкотска се определија за останување во ЕУ и против Брегзит.
Веднаш по таквата разврска на реферефдумското изјаснување, Никола Старџен му порача на Лондон дека по определбата за Брегзит „многу е веројатно“ дека ќе има нов референдум за отцепување.
Старџен тогаш рече дека Шкотланѓаните не може да ја врзуваат својата судбина за волјата на мнозинството Англичани да бидат надвор од ЕУ, спротивно на волјата на мнозинството гласачи во Шкотска.
На референдумот за ЕУ, 52 отсто Британци беа за напуштање, а 48 отсто за останување на Велика Британија во Унијата.