Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски денеска на Факултетот за информатички технологии и науки „Свети Апостол Павле“ во Охрид ја презентираше владината иницијатива за Отворено владино партнество.
Пред студентите Ивановски појасни дека се работи за активности на Министерството насочени кон зголемување на транспарентноста на институциите и овозможување поедноставен пристап на граѓаните до јавните податоци на институциите, за кои се обврзани со закон да ги доставуваат во обработлив формат.
Ивановски ги повика студентите да ја искористат платформата за транспарентност, а информациите што ќе ги добијат, да ги искористат како основа за промовирање и изработка на нови, сопствени апликации, како за веб-страници, така и за компјутери или за паметни мобилни телефони.
– Искуствата на западните земји покажуваат дека преку отворањето на податоците било овозможено остварување голема додадена вредност во нивните економии. Европската унија преку реискористување на тие податоци има генерирано 60 милијарди евра. Мислам дека и Македонија има потенцијал тоа да го оствари, рече Ивановски.
Во рамки на работната посета на Охрид, министерот Ивановски присуствуваше и на отворањето „„Macedonian Handicrafts“, втора од 50-те електронски продавници што ќе бидат субвенционирани од Владата.
– Особено е значајно што станува збор за специфична интернет-продавница што ќе нуди традицонални македонски производи, каде сите потенцијални клиенти што имаат пристап до дигиталниот свет ќе можат да се купат најразновидни занаетчиски производи, од икони, носии, охридски бисер, дуборези…, рече Ивановски, изразувајќи уверување дека продавницата ќе биде стимул за занаетчиите да продолжат со нивните традиционални дејности.
Ивановски потсети дека најдобрите пет интернет-страници што ќе остварат најголем обрт на производи односно најдобро менаџираните страници ќе добијат уште една година субвенционирано хостирање од страна на Владата.
Е-продавницата е специјализирана за понуда на рачни изработки од секаков вид, произведени од занаетчии од целата земја. Моментално на понудата имаат околу 40 производи, со интенција со растењето на побарувачката нивниот број постојано да се зголемува. Идејата, како што појасни Мишко Ѓоршески, менаџер на Macedonian Handicrafts.мк, идејата е да се промовира занаетчиството како гранка.