Партијата на Македонците во Албанија, Македонска алијасна за европска интеграција, МАЕИ, најостро го осуди фрлањето јајца и пластично шише врз автомобилот на македонскиот премиер Никола Груевски и вандалскиот чин на палење на македонските знамиња во центарот на Тирана, по заминувањето на премиерот од посетата на Албанија.
– Македонците во Република Албанија сметаат дека ваквиот нецивилизиран акт не е во прилог на пријателските односи меѓу Македонија и Албанија, особено што овој настан се случи за време на официјалната посета на претседателот на македонската Влада Никола Груевски на Република Албанија, на која двете земји ги потврдија добрососедските односи, меѓусебната доверба и пријателство, стои во реакцијата на МАЕИ.
Во реакцијата се наведува дека ваквиот вандализам е насочен и против Македонците во Република Албанија, кои се нејзини лојални граѓани, придонесуваат за развојот на земјата, како своја држава и промовираат толеранција и коегзистенција.
– Македонците во Република Албанија очекуваат надлежните органи на оваа држава да преземат најитни мерки за пронаоѓање и казна на сторителите, а Владата на Албанија најостро да го осуди ваквиот вандалски чин кој поттикнува нетрпеливост и длабоко ги повреди чувствата и на граѓаните на Република Македонија и на сите Македонци во Албанија, стои во реакцијата.
Инцидентите најостро ги осуди и македонското друштво „Илинден“.
– Згрозени сме од овој вандалски и нецивилизиран чин, кој не доликува и нема место на тлото на Европа. Лесно и непромислено е да се запали знамето на соседот, но треба труд и храброст за да се изградат искрени и пријателски односи меѓу Република Албанија и Република Македонија, стои во реакцијата на „Илинден“.