Албанската полиција набави единаесет електрични автомобили, кои пред зградата на Министертвото за внатрешни работи ги презентираше „првиот полицаец“ Саимир Тахири.
Како што јави дописникот на МИА, автомобилите се марка „Фолксфаген“ и како што најави Тахири „нема да трошат ни капка гориво“.
– Трошоците за овие возила се многу, многу мали. Помали од едно кафе на ден.Трошоците за струја се 1.200 стари леки (помалку од едно евро) на 100 километри, додека еден полициски автомобил за 100 километри троши некаде до 30 илјади леки, изјави Тахири.
Тоа значи, додаде Тахири, огромна заштеда, како од аспект на Буџетот, така и за одржувањето, упатувајќи критики до поранешната демократска Влада и министерот Фламур Нока, дека не им паднало на памет да користат алтернативна енергија за полициските возила.
На тоа реагираше Нока, кој на својот профил на Фејсбук напиша дека електричните автомобили „може да бидат само нови играчки за перчење на полицајците, а не да се борат против крминалот кој го зафати и министерот“.