Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на својот фејсбук профил со став за кршењето на спомен плочата на Кајмакчалан од страна на Миленко Неделковски.
„Во врска со настаните поврзани со плочата на Кајмакчалан не можам да го оправдам ниту нелегалното поставување на спомен плоча од војници од друга држава кои нелегално ја поминале границата и нелегално поставиле спомен плоча во Македонија, ниту пак начинот на кој новинарот Миленко Неделковски решил индивидуално и со чин кој генерира негативна енергија и омраза да се справи со овој чин.
Со оглед дека се работи за голем историски настан, со учество на 1.200.000 војници од двете страни – Бугарија и Србија, во чиј состав имало и огромен број Македонци, некои како доброволци, некои со присилна мобилизација, а најмногу од нив околу 33 илјади биле во 11-тата бригада на бугарската армија, која била бригада составена од борци на ВМРО, поранешни комити и војводи, сосема нормално е за таков историски настан, кој во западната историографија е именуван како Македонски фронт, да има спомен обележје.
Доколку Србија има своја спомен плоча на таа локација, не гледам причина доколку и Бугарија побара на легален начин поставување на нивна таква плоча да не се дозволи. Двете држави се наши соседи со кои имаме многу испреплетени истории и не постои причина да бидат различно третирани кога станува збор за поставување меморијални обележја од ваков тип, особено затоа што се надвор од населени места и никому неможат да попречат.
Затоа мислам дека проблемот требаше и треба да се решава институционално, а не на начин кој ќе создаде проблеми, гнев, омраза и меѓусебни обвинувања.
Бугарија е наш сосед со кој имаме многу заеднички работи низ историјата и треба да се трудиме историјата да не зближува, а не да не оддалечува. Македонија е место каде се случувале многу крупни историски настани и битки во годините пред да се создаде нашата држава.
Мислам дека освен што Република Македонија треба да дозволи по институционален пат Република Бугарија да постави своја плоча на тоа место, доколку тоа го побара, потребно е и нашата држава на најзначајните такви точки да постави и свои државни обележја. Тоа се можеби 5-6 места главно вон населени места, кои треба да се одбележани независно што тие битки биле во време пред раѓањето на нашата држава Република Македонија. Најмалку затоа што во сите тие битки гинеле и многу Македонци, многу наши предци и многу пати судбината се поигрувала со нив, соочувајки браќа Македонци од двете страни на фронтот еден против друг. Едни војувајќи за бугарска, другите за српска или грчка, турска или некоја друга армија, независно дали тоа го правеле доброволно заради некој свој идеал, убедување, цел, надеж или замисла или пак присилно се нашле таму.
Но и заради почит кон загинатите војници Бугари, Срби, Грци, Власи, Турци, Французи, Германци и други војници и почит кон нивните држави и нации, и нивните наследници и семејства.
Ќе дадам еден позитивен пример. Општо познато е дека во двете светски војни, Германија има убиено многу Французи, а и огромен број германски војници се загинати на територијата на Франција. Денес овие две земји се сојузници и пријатели во Европа, а ниту едно парче камен не фали од гробовите на над 760.000 германски војници од Првата светска војна кои почиваат во Франција. Ваквите примери треба да ни бидат цел како треба да живееме и да градиме иднина исполнета со соработка, уважување, помагање и заеднички успеси. Впрочем тоа е и носечкиот идеал на Европскиот мировен проект чиј дел сакаме да биде и Република Македонија“, напиша Груевски.