Од јавниот сервис јавно се извинија што целото интервју без монтажа, на специјалната обвинителка Катица Јанева, протече во јавноста откако го објавија дел од провладините портали.
Од МТВ велат дека некој од вработените го злоупотребил интервјуто и најавуваат дека ќе биде поведена дисциплинска постапка, со цел утврдување на одговорноста.
– Првиот програмски сервис на МТВ ѝ се извинува на јавноста, Специјалното јавно обвинителство и на обвинителката Катица Јанева, за ситуацијата во која снименото интервју за МТВ протече во јавноста… МТВ со професионални и најискрени намери, со цел запознавање на јавноста за работата на Специјалното јавно обвинителство, продуцираше интервју, кое беше подготвено максимално професионално и коректно во доменот на новинарската работа. Ги отфрламе сите обвинувања и напади за режирано интервју, со нарачани прашања, оградувајќи се од сите инсинуации, подметнувања и толкувања. Првиот програмски сервис на МТВ ги осудува сите злоупотреби од вработените кои свесно ја изложија телевизијата на медиумски напади и хајки – стои во соопштението на јавниот сервис.