Во Основното јавно обвинителство во Скопје, по вчерашната авионска несреќа во која кај село Кожле се урна приватен авион, во тек е испитување на двајца пилоти од Италија кои биле со други две летала и слетале на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје. Испитувањето, соопштува Обвинителството, се врши со цел прибирање податоци и информации.
Основното јавно обвинителство Скопје за истражните дејствија за несреќата, во која загинаа сите шест патници, ангажира стручно лице компетентно за тој вид несреќи.
Увидот на местото на несреќата, се врши од страна на двајца јавни обвинители од Основното јавно обвинителство Скопје, кои раководат со увидните екипи од надлежните органи. И покрај тешко пристапните услови, велат од ОЈО; се координираат и преземаат мерки за прибирање и утврдување на фактите и причините за несреќата.
– По наредба на јавен обвинител обезбеден е дрон кој треба да изврши воздушно снимање на теренот каде што се случила авионската несреќа. Снимките од дронот ќе бидат од голема помош за утврдување на динамиката на движењето на леталото, како и за разоткривање на начинот на кој дошло до несреќата, соопшти ЈОРМ.
Министерството за внатрешни работи претходно соопшти дека досега на местото на несреќата се пронајдени крило со една гума, метална електронска кутија, два мобилни телефона, карти за патување и една италијанска патна исправа.
По првични дејствија на терен стручната екипа формирана во текот на ноќта изутрината во шест часот се упатила кон местото на незгодата со цел продолжување на активностите во насока на обезбедување на местото на настанот, вршење на увид, и идентификација на починатите лица, со цел обезбедување докази на причините за авионската незгода и смрта на патниците. Поради лошите теренски услови екипите пристигнале на терен во 10 часот и во 10:30 часот е започнато со обезбедување на локациите за кримтехничко одбележување на трагите.
Екипата на терен е составена од Јавен обвинител, претставници од Судска медицина, истражители од Комитет за истражување на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти, како и полициски службеници од Оддел за криминалистичко-технички испитувања и вештачења на МВР, ЕУМНА при СВР Скопје, УПС од СВР Скопје, Единица за насилен криминал, Одделение за крвни и сексуални деликти, потраги и ЦПС.
Авионот „ПАЈПЕР ПА 34“ со германски регистарски ознаки, на аматерскиот спортски аероклуб „Тревизо“, вчера полетал од Тревизо, со крајна дестинација Приштина. Над Македонија требало да изврши прелет и бил пријавен на Аеродромот „Александар Велики“ во Скопје за дополнување на гориво. За местото на падот на авионот први јавија локалните жители кои слушале експлозија и виделе пожар. Исчезнувањето на авионот од радарот вчера попладне во 17.40 часот во МВР го пријавила Контролата на летање на скопскиот аеродром
Како што објавија италијанските медиуми, со авионот управувал 59 годишниот пилот Франческо Монтањер, претседател на аматерскиот спортски аероклуб „Тревизо“. Со него биле и потпретседателот на клубот, 62 годишниот Дарио Бастасин, Лука Дале Муле, одговорен за администрацијата во клубот, и Ангело Калегари, како и Иларија Бертио и Висар Бегај од Косово, кои имале и италијанско државјанство.