Лидерот на СДСМ, Зоран Заев одговарајќи на новинарски прашања рече дека верува оти на лидерската средба која треба да се одржи во среда ќе ги најават изборите на 11. демекври.
П1: Дали одржувањето на изборите во декември е доведено во прашање, со оглед на проблемите коишто се јавија при изборот на петиот член во ад хок телото.
Јас верувам, не. Повеќе сум оптимист во трагањето по мудроста како да се изнајде доволно аргументација да се избере петиот член. Ад хок телото како што знаеме сите, ги знаеме деталите и очекувањата од него, тоа не е крај на светот, и не треба да дозволиме навистина поради една ваква мала причина да се одложат ставовите за заклучоците за исполнување на условите согласно кој ќе биде фиксиран датумот за избори. Јас верувам дека на 31 август ќе објавиме ние претседателите на поголемите партии дека 11-ти декември ќе биде датумот на изборите.
П2: Во однос на ад хок телото, деновиве имаше многу забелешки од експертската јавност дека не е тоа баш најсоодветно решеније за регулирање на медиумите со оглед на тоа што двајца членови предложивте вие како партии, и ВМРО ДПМНЕ, а сега се гледа дека се наидува на сериозни проблеми да се избере петиот член. Имено, сега се најавува поделба помеѓу овие четири члена. Ако неможе да се избере петиот член како би функционирано консензуално носење на одлуки во однос на медиумите.
Легитимна е секоја дебата, секоја загриженост, и новинарската фел, но и експертите којшто не следат, па дури и граѓаните, иако се помалку упатени во оваа тема. За нас беше најприфатлив законот од меѓународната заедница, од Питер Ванхојте, или ЗНМ конкретно го предложи во Парламетот, но ние сме само една од четирите страни во преговорите. Моравме да избереме дали ова ќе трае бесконечно и ќе се одложува или конечно ќе ја завршиме оваа политичка криза под овој услов исправени, а сакајќи брзо да се оди на избори се решивме да влеземе и да имаме нешто барем коешто ќе направи исчекор кон враќање на независноста на медиумите во Република Македонија. Оваа ад хок тело може да направи убав и квалитетен исчекор во периодот пред нас во овие 100 дена пред изборите и да испрати порака дека може да биде избалансирано претставувањето и на полтичките партии и на застапеноста воопшто, можат да бидат професионалните стандарди повеќе и повеќе јакнати, етичкото однесување, навистина ширењето на омраза не носи никако но ни демонизацијата на пред се ова што се случува сиве овие години, конечно да застане. Јас зборувам и во духот на празникот денеска, којшто го празнуваме, верувам дека она што е договорено е минимум услов како што рековме за да одиме на избори. Мој личен став е дека ова ад хок тело не може да биде причина за да не се одржат изборите.
П3: Значи вие ќе се залагате по секоја цена да се одржат изборите?
Се надевам дека и овој услов како што е прочистувањето на Избирачкиот список ќе биде исполнет и на 31 август и ќе ги кажеме нашите ставови како една од четирите страни којшто треба да објават датум за одржување на избори.
П4: Зошто при изборот на петиот член не се вклучат и полтичките партии, како што тоа го побараа и членовите?
Аман од полтичките партии преку глава им е на граѓаните. Ова ад хок тело затоа така го поставивме, двете најголеми опозициони партии од македонскиот блок да ги предложат кандидатите, по двајца и тоа од редот на експертите. Понатаму четири експерти да седнат и да го изберат петиот експерт за да меѓу другото секој се најде исправен пред одговорноста на одлучувањето. Има мериторни критериуми има вредности којшто и овие четири луѓе, којшто работат таму еве предложени како експерти. Може да седнат малку да ја дрмнат главата и пополека да ги стабилизираат мислите, да се насочат и да го изберат петиот член. Како еден од претседателите на поголемите партии апелирам до четрите члена уште на почетокот на идната седмица да го изберат петиот член, ако не заради нешто друго, заради Македонија.