Биодиверзитетот претставува единствениот природен ресурс од кој градот ја регенерира својата енергија и заштита, од каде се црпи квалитетот на формалното секојдневно битисување.
Вегетацијата е потребa како за природен протекторат(имунитет), така и за развојот на секој град, посебно за типови на градови како Скопје кои немаа изразена и тврда урбана лектура.
Скопје од пред земјотресот е со класична поставеност на пополнето ткиво, каде после природната катастрофа тоа драстично се променува. Делумно и заради сосема новиот концепт во неговата тогашна обнова, делумно и поради системот од кој е затекнат. Празните површини кои се оформуваат заради зададениот специфичен тек на изградба, се запуштени и диво обраснати, затоа што тогашниот замислен просперитет доживеа колапс.
Околу 90 тите години додека имаше каква таква дебата за развојот на центарот на Скопје околината на плоштадот беше заобиколена од урбана шума. Празна ширина од спонтано зеленило. Бујно исполнета празнина во отсуство на било каква симбологија или идеологија. Најмногу беше обрасната со листопадни дрвја, со високи крошни кои долго време вегетираа и се оформуваа.
Тука спаѓаа липите, оревите, дивиот костен, багремот, јаворите и многу други дрвја кои беа до толку израснати што нивните корења го кршеа дури и бетонскиот плочник. Создаваа драматични тотални сенки кои ги криеја бруталистичките бетонски градби во втор план и живописно ги менуаваа боите низ годината, адаптирајќи се на скопската континентална клима. Се развиваа и во континуитет, паралелно со речното корито по Вардар чие пространство беше поврзано се до градскиот парк.
Денес, таа празнина се здоби со исконзумирана реторика и создаде корумпиран хаос и околен пустош. Не се поштеди ниту една празнина, се пополнија со насилна узурпација. Еве крајот го дочекуваме со Панорамското тркало.
Од денешна гледна точка, доволно ќе беше по самото осамостојување, тогашните општини само да го редефинираа и средеа затекнатото запуштено зеленило и да го разграничеа со добар и современ партер, и Скопје ќе блеснеше во најубав сјај. На тој начин ќе го заштитеа и градот од грдата иднината што му престоеше. Но тоа е тој недостаток на визија од која и денес сеуште патиме. Наместо тоа знаеме како сиот тој простор ни се украде пред очи и сега ќе мора да се соочуваме со несаканите последици од тоа. Пример за горенапишаното е веб платформата http://skopjeraste.mk/ каде постои опција која може да ни го спореди развојот на зеленилото од 90 те години па се до крајниот ДУП кој не очекува во 2020 тата година. Ќе забележиме колку тоа е очајно, а како времето проаѓа, станува и запрепастувачко.
Се дивее против се што е природа, се уништува дури и надвор од своето протегање кон падините од таа страна на Водно Аеродром, Карпош, сега се свестивме и за обиколницата. Со самото тоа ги изгубивме метереолошките и климатските параметри. Го немаме веќе тој единствен природен филтер кој би требало да ги намали енергетските трошоци на околните згради, кој апсорбирa СО2, ги филтрира микрочестичките кои се наоѓаат во атмосферата, ја намалуваат урбаната бука, не штитат од сончеви зраци и ветришта ,продуцираат оксиген и влажност. Таа биоклима, тој уништен еколошки систем од различни типови на вегетација креира и хабитат кој е колонизиран од птици и инсекти. Една мрежа на природни ходници кои ги поврзуваат природните паркови, зелените пространства и сета околна спонтана вегетација која се исчезнува од градот.
Цели кубови од градот се опустошија почнуваќи од годините на оваа полудена власт, иако истото започна и пред тоа со помал интезитет. Од 2006 година па наваму е исечено речиси целото постоечко зеленило покрај Илинденска, Климент Охридски, Орце Николов, градскиот ѕид, дел од зеленилото кај музејот на современа уметност, Универзитетот. И за што сето тоа? Зарем сеуште ли ќе им го дозволиме ова? Треба ли да се организираме со друга Зелена револуција?
Додека ние природно осиромашуваме и осакатуваме, низ планетата се водат стрикни политики за радикално позеленување и самоодрзување како принцип. Тоа се води во континуитет од самиот зачетокот на првите зелени градини од минатиот век , но и следователно потоа кога несразмерно урбаното почна да го троши руралното и агрономското земјиште.Во последните години до толку се искомплицира тој сооднос да мораше да се радикализира сето тоа зеленило дури и насилно да се вметнува преку слоганот на смарт градовите.
Еколошки чист град е сеуште наше загарантирано право. Тоа ни е потребно за нашата иднина каква и да биде.Лично се напативме а и бевме сведоци на нејзиното планско уништување шпиунски, под заштита на МВР и тоа во доцните ноќни часови. Иако се оформи и активизмот преку Паркобраните, не успеавме да се избориме и да го зачуваме градското јадро на почетокот, а еве сега гледаме што се случува и надвор од градот, од тие апсурдни и штетни и непрофесионални градби и инфраструктури . За тоа, кога тогаш ќе мора да одговараат.
Дојде време каде веќе ќе мораме да делуваме, да размислуваме за вракањето на изгубените зелени пространства ,во склоп на пропаднатото Скопје. Ќе мора да се избориме за постепено елиминирање на грдите зданиа од овој физички кошмар и отварање на простор за да може повторно да озелени.
Државата во континуитет форсира настан како денот на дрвото и пошумува стебла ,правејќи се наудрена за сето тоа што му го стори на градот.Со бараните промени ќе мора да се преиспита оваа фарса и квалитетно да се пренасочи во позитивна насока и од целокупниот труд да се добиеме корист во враќањето на озеленувањето на градските четврти.
Решението може да биде и во пакет со целокупното уништување на барокниот стиропор токму преку најразлицни видови на садници и растенија кои природно ќе ја деградираат таа евтина граѓа за корупција и ќе доведат до постепена демонтажа на тој градежен отпад каде зеленилото повторно ќе го завземе својот тек. Тоа може да се успее преку култивирање на помалку значајни садници како колоритни пузавци од типот на хедера и билки растенија како лавандата, преку чие експериментирање може да се потикне таа биолошката деградација. Тоа се билки кои не успеваат во нашата континентална средина(повеќе се од медитеранскиот дел) и негде помеѓу сезона од пролет до лето можат да изумрат ако не им се прилагоди хумусната земја и не се одржуваат. На тој начин при почетокот на есента ветрот може да ја разнесе таа пред исушена лаванда и да го освежи (обои во виола)и замириса сивото и тмурно Скопје, да ги уништи молците и се што е уште закоравено во градот, зелените жили на пузавецот ќе ги деградираат и разеленат грдите фасади, лажните инфраструктури, паркинзи и тркала, и на тој начин Скопје ќе биде многу поспремно за новиот тек што го очекува.