ЕЕЗ не исклучува санкции доколку не добие одговор од владата за намерата за преземање на Макпетрол

Од:

Иако помина речиси еден месец, нема одговор на писмото од 20-ти јуни, во кое од министерот за економија, се бараат објаснувања како надлежните институции во земјава ќе постапат во врска со намерата на Балкан Петролеум Холдинг Лимитед да ја преземе нафтената компанија. Потписникот на писмото, заменик директорот на Секретаријатот на Енергетската Заедница, Дирк Бушле, во разговор за Телма вели дека е загрижен од ваквиот однос на власта.

– Направивме мало истражување и утврдивме дека околностите околу преземањето се релативно нетранспарентни и нејасни. Мислевме дека е најдобро да поставиме неколку прашања до Владата и да побараме објаснување. За жал, не добивме такво објаснување, вели Дирк Бушле, заменик директор на Секретаријатот на Енергетската заедница.

Бушле објаснува дека Енергетската заедница е силно заинтересирана за овој случај, со оглед на тоа што Макпетрол е важна компанија, не само за македонската економија туку и за енергетската безбедност на земјата и нејзината усогласеност со обврските кон оваа европска асоцијација.

– Макпетрол е важен играч на пазарот со гас и горива во Република Македонија. Тоа значи дека безбедноста на снабдувањето е потенцијално загрозена заради ваквото преземање, а сигурноста во снабдувањето е нешто за што Енергетската заедница мора да се грижи. Мора да знаеме од каде доаѓа таа компанија, што работи и кој стои зад таа „школка“ компанија. Се разбира, колку помалку знаеме за тоа, поголеми се сомнежите дека нешто се крие.

Бушле потенцира дека ова не е првпат македонската влада да не одговара на барањата на Енергетската заедница заради што веќе се започнати неколку постапки против земјава во министерскиот совет. За тоа може да следуваат политички и финансиски санкции. Истото би можело да се случи и доколку не се одговори на барањата од Виена за намерата за преземање на Макпетрол од Балкан Петролеум Холдинг Лимитед.

– Би сакале да разбереме што се случува во Македонија и потоа да дискутираме заедно со Владата за последиците и можните решенија. Но, ако на првото ниво од тој дијалог нема одговор од Владата, секако дека станува тешко да ја завршиме нашата работа. Тоа е навистина загрижувачки.

Во писмото, Енергетската заедница побара од Владата да објасни како евентуалнотo преземање би влијаело врз снабдувањето со гас и гориво и дали и како во процесот ќе бидат вклучени Регулаторната комисија за енергетика, Комисијата за заштита на конкуренцијата и Министерството за економија. Како особено важно е потенцирано дека наделжните треба да обезбедат информации за сопственичката структура на Балкан Петролеум Холдинг Лимитед.

Би можело да ве интересира

Работилница на „Макпетрол“ за родители против врсничко насилство утре ќе се одржи во Куманово

Признание за „Макпетрол“ како еден од најголемите поддржувачи на СОС Детско Село

Со поддршка од „Макпетрол“ и во Кочани ќе се одржат работилници против врсничко насилство

А1он

Каратистите на „Макпетрол” ја отвораат сезоната со учество на светската лига во Атина

„Макпетрол“: Ученици од 40 училишта се здобија со знаења за врсничкото насилство

Три медали за каратистите на „Макпетрол” на Балканското првенство во Љубљана