Иако ме повикаа на распит вчера попладнето, јас сепак се појавив на распит, со што паѓаат во вода мерките за присуство кои ги побара Специјалното јавно обвинителство, рече екс министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска по 30 минутниот распит во СЈО за случајот „Тврдина“.
Според неа, во СЈО нема реални случаи, а обвинителството е пропаганда на СДСМ затоа што и по десет години опозиција немала што да понуди на граѓаните.
– Јас побарав СЈО да исполнува минимум критериуми за да се појавам на распит, односно да ми бидат приложени доказите, но тоа не го сторија и поради тоа распитот е откажан, рече Јанкуловска.
На новинарско прашање дали и недостасува министерската фотелја, таа кажа дека не и недостасува и дека се чувствува одлично. Јануколовска тврди дека сите 13 дела за кои беше аболирана од Иванов се политички монтирани.
Покрај екс министерката, во Специјалното јавно обвинителство се појави и Тони Јакимовски, вработен во УБК и второосомничен во случајот „Тврдина“. И двајцата се осомничени дека учествувале во уништување на два системи за следење на комуникации на 27. март минатата година, со што, како што велат од СЈО, сториле дела злоупотреба на службената положба и фалсификување на документи.
Александар Тодески