Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, во вторник, 16.08.2016, повторно е повикан во Специјалното јавно обвинителство, но овојпат за нов предмет поврзан со општина Центар.
Се работи за нарачаните шамари врз Жерновски и за демолирањето на општинските бараки. Како што се слуша во една од „бомбите“ на опозицијата, тогашниот премиер Никола Груевски, во разговор со поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиевски, нарачува и договара протест пред општина Центар во наводна одбрана за рушењето на новата црква, при што дел од донесените граѓани треба да влезат во салата на Советот и, пред сите советници и медиуми, да му “врзат три-четири јаки шамари” на тукушто избраниот градоначалник на општина Центар.
За вандализмот и демолирањето на општината, градоначалникот Жерновски во неколку дописи до екс министерката за внатрешни Гордана Јануловска, бараше одговорност за нарачателите и сторителите. Сепак, иако дел од нив беа фотографирани со неа и со Груевски, односно беа и делегати на Конвенцијата за избор на Ѓорге Иванов за претседателски кандидат на ВМРО- ДПМНЕ, до денес истите не се идентификувани и санкционирани.