Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, во пресрет на претстојниот викенд и празникот 2 Август, упати апел, до сите учесници во сообраќајот, да бидат максимално одговорни и внимателни, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да ја прилагодат брзината кон ограничувањата и условите на патот.
– Посебно потенцираме – брзото возење, алкохолот, заморот, несоодветното растојание, неправилното престигнување, лошиот правец на движење и технички неисправно возило, честопати се кобни и пресудни во сообраќајните незгоди, се наведува во соопштението.
Исто така, РСБСП апелира, до сите оние кои патуваат на подолги дестинации, да го организираат своето патување, да земат ден одмор пред патувањето, да патуваат одморени и наспани, да избегнуваат да патуваат во делови од денот кога температурите се највисоки, да прават почести паузи и да бидат сконцентрирани и активни учесници во сообраќајот.
Статистичките податоци покажуваат дека во летниот период, традиционално, доаѓа до двојно зголемување на црната статистика, односно до двојно зголемување на бројот на сообраќајни незгоди и на бројот на загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди. За првите 6 месеци од 2016 година, според статистиката на РСБСП, вкупно 65 лица го загубиле животот во сообраќајни незгоди. Во текот на месец јули оваа година, исто така, голем е бројот на лица кои го загубија животот во сообраќајни незгоди. Посебно истакнуваат дека во месец август 2015 година, 20 лица го загубија животот на патиштата во Република Македонија.
– Крајно време е да кажеме СТОП за насилната смрт на патиштата! Наша заедничка обврска е да не дозволиме црната статистика од месец август 2015 година да се повтори и оваа година. Веруваме дека со повисоко ниво на свест и лична одговорност на секој учесник во сообраќајот и со поинаква култура, етика и личен пристап кон безбедноста на сообраќајот на патиштата, бројот на настраданите лица на патиштата во Република Македонија значително ќе се намали, стои во соопштението од РСБСП.