Никола, Никола. Што бараш во Охрид?!
Имаш „пријателе“ опции. Одамна овај град преживува и хибернира. Јасно е дека си гробар, но те молам остави не’ барем на раат да умреме. Сквернавење е да доаѓаш на погребот на тој кој поради тебе и таквите како тебе стигнал до изумирање.
Црно и бело. Така си се облекол, Никола. Знам и зошто! Не си ниту елегантен, ниту си „слобода“. Тебе, Никола, не ти прилегаат овие бои, иако се одвратно искомбинирани. Тебе, Никола, ти прилега нешто со вертикални линии.
Кој те пречека и зошто? Кои се тие Охриѓани кои се ракуваат со тебе? Што ти покажуваат? Никола, додека шетате низ „проектите“ ли? Плаошник? Монструозно! Кажи бре Никола колку го уназади Охрид?
Кажи колку ги бојкотираш градоначалниците? Погледнав, си бил и на плажата со парапетче. Не враќај се Никола никогаш повеќе во овој крај. Бидејќи, Никола, овде живеат заедно луѓе од сите политички провениенции. Овде, Никола, од ваквите како тебе луѓето добиваат нагони за повраќање.
Овде, Никола, имаме парче сонце, добра мисла, мирно езеро и изумрена надеж.
Бегај Никола!
И не носи мокасинки, уште повеќе без крати сокни. Во езеро се пристапува со сандали. Не знаеш ти, Никола, за бос по камења. Не си толку благословен. Остави не’ на раат. Нема да дозволиме последните политички воздишки да ти бидат токму онаму каде што крадеш и кислород и историја и иднина. Ти кажаа ли Никола за Радио Охрид? Не Никола, Вие самите си се лажете… ама до оваа мерка… „Еснаф чо’ек“, уште го користиме во Охрид.
Бегај Никола! И да, не се облекувај во боите на Партизан, немаш ти срце за да го оставиш на теренот. Тоа што ти се дозволи посета на Охрид е исто како на некој осуден за педофилија да му дозволиш да посети детска градинка…..
Дејан Блажески