Имавме многу продуктивен ден со средби во овој многу битен момент за вашата држава. Америка како што знаете, е многу горда да работи заедно со Европската унија со сите политички сили тука, да се обидеме да ја завршиме политичката криза од последнава година, рече помошник државната секретарка на САД, Викторија Нуланд по средбите со политичките партии, невладиниот сектор и Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева. Според Нуланд, сега е време Македонија да се стави на тест за фер и слободни избори.
– Партиите веќе некое време зборуваат како да се дојде до избори, уште пред да пристигнам јас. Денеска ги видов сите четворица лидери на партиите потписнички на договорот од Пржино и можам да кажам дека го напуштам Скопје охрабрена од тоа што го слушнав, дека во наредните денови лидерите на партиите ќе седнат на заедничка маса и да разговараат за избори. За ова очигледно ќе мора да има политичка волја од сите страни. По средбите можам да кажам дека има волја и секако амбасадорот Џес Бејли и нашиот тим ќе ја продолжат нивната работа заедно со Европската унија за да помогнат да се дојде до договор што побрзо, рече Нуланд.
Според неа, Специјалното јавно обвинителство е витално битна работа за да се врати вистинското владеење на законите и чист правен систем во Македонија, нешто што е битно ако државата сака да ги постигне евроатлантските цели, да влезе во ЕУ и Нато, во што САД го поддржува.
Нуланд додаде дека на маса се ставени и начини како да се постапува по случаите на СЈО, бидејќи сите отворени случаи мора да се завршат.
Александар Тодески