Нема да зборувам за случаите „Кампања“ и „Ровер“, за тоа зборуваа многу релевантни институции, сакам да апелирам за многу сериозен момент во кој се наоѓа нашето судство, рече лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски пред судењето за „Ровер“.
– Посебно денеска сакам да зборувам за оние луѓе кои останаа во Идризово и во другите затвори низ државата за кои гарантирам дека повеќе од 50% се осудени без докази. Во овие денови посебно се ангажирам за еден мој голем пријател од Косово со кого заедно поминавме 5 години, господинот Флорим Малоку, кој 8 години лежи за дело кое не е докажано. Денеска сакам да апелирам за условите во затворот, да им помогнеме на затворските управи, на директорите на затворите низ државата за невозможните услови за живот во кои се наоѓаат затворениците низ затворите во државата, рече Бошкоски.
Тој истакна дека целиот политички кредибилитет го насочува кон подобрување на условите во затворите, а пред се да се ривидираат сите постапки на затворениците кои се неправедно во затворите.
– Јас ви гарантирам дека има таму и доживотно осудени луѓе, за кои не е докажано делото. Тоа е сериозен проблем со кој е соочена Македонија, проблем кој очекувам дека ќе биде решен и сериозно сфатен, а за мојот случај други зборуваат, рече Бошкоски.
На прашање дали политички ќе се ангажира Бошкоски кажа дека никогаш и не прекинал да се занимава со политика, но деновиве е во обиколка на Македонија и средби со членовите на неговата партија.
Александар Тодески