Инспекциските служби да поведат сметка за т.н. човек-агенции кои нудат сомнителни тури и услуги во туристичките центри, посебно во Охрид, Струга и Скопје. Со тоа, не само што создаваат нелојална конкуренција, туку и го рушат имиџот на дестинацијата.
Оваа го истакнаа денеска на прес-конференција претставниците на Здружението за угостителство и туризам при Стопанската комора на Македонија.
Туристичките работници бараат и да се инвестира во автопатот Гостивар – Кичево, како и да се подобри инфраструктурата на патот Гостивар – Дебар преку Маврово со цел зголемување на планинскиот, бањскиот и еко туризмот.
Неопходно е, како што рекоа, и подобро поврзување со Албанија преку Дебар и излез на море преку Драч.
Според нив, слабост во туристичката сфера и натаму е многу ниското ниво на хигиена по патиштата, рестораните и бензинските пумпи каде најчесто застануваат патниците кои транзитираат, а нема и доволно квалификуван работен кадар, односно водичи со познавање на повеќе странски јазици.
– Добрата туристичка понуда треба да биде предизвик за поквалитетни услуги во угостителството и туризмот не само од страна на туристичките работници, туку и од деловниот амбиент во кој функционира дејноста, а тоа значи да се елиминираат одредени слабости по што и резултатите би биле уште подобри, истакна Асим Меџедовиќ, член на Здружението.