Стартува новиот скопски книжевен фестивал „Друга приказна“

Од:

Утре почнува новиот книжевен фестивал „Друга приказна“ за мали фикции. Организаторите најавуваат дека манифестацијата ќе се одржува секоја година во јуни, а оваа година, поради „Шарената револуција“, главна тема на фестивалот е „Книжевноста и активизмот“.

„Време е за друга приказна. Не само општествено-политичка, туку и културна. Не само макро туку и микро. Затоа решивме да ја поттурнеме работата.

Фестивалот првенствено е македонски (што значи, не строго скопски!) и регионален, но има и европска димензија; гости на фестивалот често ќе бидат луѓе од Европа.

Фестивалот има цела низа цели; меѓу поважните се: популаризација на книжевноста; преиспитување на улогата на книжевноста во општеството; преиспитување на жанровските граници, на релациите меѓу „популарното“ и „елитното“, „високото“ и „ниското“, ангажираното и ескапистичкото; преиспитување на улогата на писателот во новите локални и глобални контексти; осмислување и практикување на нови стратегии за културни поврзувања, и локално и регионално и глобално; вмрежување на македонските автори и искуства во регионален контекст; збогатување на скопската културна понуда лете…

Поднасловот на фестивалот, Мали фикции, значи дека наш примарен интерес се малите книжевни форми, згодни за јавно и сценско споделување. Но, нè интересираат и хибридните книжевни форми, местата каде што книжевноста се среќава со музиката, графиката, медиумите, естрадата, теоријата…“, пишуваат организаторите на новиот фестивал.

Програмата и активностите на фестивалот ги одредува редакцијата: Јасна Котеска, Искра Гешоска, Никола Гелевски, Роберт Алаѓозовски и Иван Шопов.

Секоја година фестивалот доделува главна награда. Годинава добитникот е Давид Албахари, писател од Белград.

На фестивалот ќе учествуваат десетина странски гости, главно од регионот, и триесетина домашни учесници, писател(к)и, теоретичар(к)и и уметници.

Фестивалот ќе се одржува во Мобилна галерија во Паркот на Франкофонијата, а резервна локација е клубот ГЕМ во Старата чаршија.

Би можело да ве интересира

Новата книга од Зоран Спасов Sоф – „И јас сум Сирма“ ќе биде промовирана во МКЦ

Џез Фабрика фестивал Битола дел од светската мрежа на Арт фестивали

А1он

„Јон Вардар против галаксијата” викендов беше премиерно прикажан во Шпанија

Промовирана „Македонија така далечна, а така блиска“ книга со разгледници праќани од Македонија кон Хрватска

Победничката на UpBeat – Best New Talent Award на фестивалот Звукот на Скопје

Битола по теркот на светските џез сцени: Национален Џез Оркестар и Мартин Ѓаконовски – Шпато со изведби посветени на Реј Браун

Предраг Петровиќ