Остана уште само една недела за пријавување на студентите за конкурсот „Патуваме во Европа 2016“. Она што некогаш беше далечно и недостижно, на дванаесет студенти од Македонија ова лето повторно ќе им е на дофат на рака. Деветта година по ред преку проектот „Патуваме во Европа“ 12 студенти од Македонија ќе добијат уникатна можност да ја истражуваат Европа и да ја промовираат својата земја. Конкурсот е отворен за студенти кои се во завршна година на студирање и кои имаат желба за патување, нови авантури и нови познанства, информираат од Граѓанската асоцијација МОСТ.
Студентите кои сакаат да бидат дел од тимот кој 22 дена ќе патува низ Европа можат да ги поднесат своите апликации до 29 јуни. Право да аплицираат имаат студенти во завршна година на студирање или апсолвенти, кои имаат просечна оценка поголема од 8,0 во текот на студирањето. При селекцијата предност имаат оние студенти кои до сега немале можност да ја прошетаат Европа. Аплицирањето е електронски, а формуларите и сите информации за проектот се достапни на интернет страната на проектот www.patvoevropa.org.mk.
Од реализаторот на проектот, Граѓанската асоцијација МОСТ, со помош на донаторите и спонзорите, обезбедени се карта за неограничено патување со воз во времетраење од 22 дена, патничко осигурување и дел од средствата кои ќе им бидат потребни за патувањето, на донирана платежна картичка. Дополнително, за сите студенти кои ќе патуваат, организиран е фестивал во Берлин, од 25 до 28 јули, после кој секој студент самостојно ќе го продолжи своето Европско патешествие.
Целта на овој проект е 12 студенти од Македонија, преку патување и посети, директно да се запознаат со демократските вредности, навики и култури во другите земји, и да ги промовираат и доближат тие вредности во Македонија. Во исто време студентите ќе ја промовираат и Македонија. „Патуваме во Европа” последните девет години е регионален проект, кој освен во Македонија се реализира и во останатите земји од Западен Балкан, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија, како и Косово.