Писмо на професори по филозофија: Екстерното е заблудување на учениците и понижување на наставниците

Од:

Филозофското Друштво на Македонија и Институтот за филозофија на Филозофскиот Факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, откако согледале недостатоци на екстерното тестирање по групата философски предмети, со писмо до Државниот испитен центар и до Бирото за развој на образованието го искажале својот критички став во февруари 2016 година.

До денеска тие не добиле одговор и своите наоди ги презентираат во јавноста.

„Екстерниот тест по етика претставува парадигма за деградација на образовниот систем, елементарно непознавање на философијата, обид за етичка деструкција, понижување на наставниците и заблудување на учениците. Затоа ја информираме јавноста за нашиот повторен обид да го запреме натамошното систематско уништување на философското образование во Република Македонија и да ги заштитиме учениците од неука проверка на знаењата“, се наведува во отвореното писмо.

Ова се наодите на професорите по филозофија за грешките на екстерното тестирање по предметот филозофија во средните училишта.

„Тој тест претставува негација на благородната философска и педагошка мисија. Зашто, според нас, тој е антифилософски и антиобразовен експеримент, полн со фактографски грешки, постоење на два и повеќе понудени вистинити одговори или ниту еден вистинит одговор, мноштво поимни и терминолошки нејаснотии.

Потсетивме дека иманентните карактеристики на философското образование подразбираат поттик на философскиот ерос, вовед во категоријалниот апарат и историскиот развој на философијата, усвојување на етичките и естетските вредности, како и вовед во логиката како основа за развој на вештините на критичкото и креативното мислење.

Сето тоа, за жал, е оневозможено со екстерниот тест по философија. Сево ова немаше да се повтори во последниот екстерен тест по предметот етика за втора година гимназиско образование ако посочените институции ги сфатија и прифатија нашите стручни и добронамерни забелешки и сугестии, што им ги пративме во нашето писмо.

Дополнително загрижува несообразноста на прашањата од екстерниот тест по етика за втора година гимназиско образование со наставната програма и учебникот на д-р Кирил Темков. Поставени се прашања што реферираат на философски доктрини што делумно се изучуваат по предметот етика во трета година, а продлабочено по предметот философија во четврта година (!?).

Нималку случајно авторот на учебникот, согласно возраста на учениците, само споменува некои од нив, не правејќи опсежни анализи. Етичкото образование е осмислено во концентрични кругови. Во втора година се стекнуваат основните поими, изрази и информации за најзначајните философи. Учебникот е пишуван со лесен, едноставен стил. Изобилува со мноштво етички теми и проблеми што учениците ги разработуваат во етичките работилници. Нималку случајно, согласно програмата, по секоја нова содржина постои час за реализација на вежби, зашто основната цел е создавање на етичка свест и подигнување на моралното и општокултурното рамниште на учениците. Тоа е всушност вовед во етика за трета година и филозофија и логика за четврта година. Меѓутоа, во прашањата од екстерното тестирање по етика за втора година од учениците некритички се бара компаративна анализа на етичките димензии на философските учења. На пример, од ученици од втора година средно училиште се очекува споредба меѓу етичките доктрини на киниците и на Фридрих Ниче, со прочитан еден цитат! А, има и прашања за мислители што ги нема во учебникот од втора година. Како е можно учениците да го знаат првиот од шесте стадиуми на етичкиот развиток според Лоренс Колберг, кога тоа се изучува во трета година етика? Значи, во втора година би требало да учат од учебник од трета година за да одговораат за моралното чувство кај британските философи Шефтсбери, Хачесон и Хјум, во кој се застапени само во една реченица. А нив ги нема ниту во индексот на имиња на крајот од учебникот од трета година!? Така, учениците без нивна вина се фрустрираат и ја губат самодовербата!

Потврда на изнесените констатации е следнава анализа на дел од испитните прашања и одговори со кои се соочија учениците на екстерниот тест по предметот етика за втора година гимназиско образование, реализиран од 8. до 11. јуни 2016 година.

На прашањето „Како се нарекува човекот кој верува во судбина, и дека сѐ е предодредено“, понудени се одговорите – судбинист и детерминист. На учениците им е познат поимот детерминизам, но се доведуваат во состојба на сомнеж размислувајќи дека нашите составувачи се можеби неталентирани зборообразувачи на новата македонска философска терминологија.

На прашањето „Што е толеранција?“, понудени се одговорите – „Да се справиш со другите“ и „Фер и објективен однос кон другиот“. И двата одговори претставуваат несоодветна определба на поимот толеранција, но и двата можат да поминат. Кое да се избере?

На прашањето „Централното начело на утилитаризмот е?“, понудени се „Принципот на најголема среќа“ и „Принципот на заеднички општ интерес“. Единството на двата предложени одговори претставува одговор на прашањето. Ако се водиме од етимологијата на терминот „утилитаризам“, би го претпочитале „принципот на заеднички општ интерес“, зашто термините „интерес“ и „корист“ се синоними, а во основите на утилитаризмот се наоѓа стремежот кон корист.

Но, ако се водиме според мислата што му се припишува на Џереми Бентам „најголемо количество среќа за најголем број луѓе“, би требало да се определиме за „принципот на најголема среќа“.
Размислувањето и практиката на моралните проблеми во специфични области се вика: а. Биоетика б. Екоетика в. Морал г. Професионална етика

Тешко може да се разбере ова прашање, за да се даде вистинит одговор! Ако се обидеме да го промислиме прашањето, секој одговор би можел да биде точен. Зашто, поимите биоетика, екоетика и професионална етика се видови поими на родовиот поим етика! Терминот „морал“ би можел да се прифати ако се сфати како синоним на терминот „етика“, иако во философијата се прави дистинкција меѓу етиката како теоретска дисциплина и моралот како мислење и дејствување согласно доброто или злото. А во испитното прашање се нуди тавтологија: моралот е размислување за моралните проблеми!?

На прашањето за значењето на лозунгот „Тат твам аси“ (Тоа си ти), понудени се два потенцијално вистинити одговора: „Дека секој човек треба да биде свесен за другите луѓе“ и „Дека почитувањето е мера на љубовта“. Изразот „Тат твам аси“ укажува дека секој човек треба да биде свесен за другите и за еднаквоста со нив. Но, во духот на индиската философија, поимањето на ахимса, ненасилството, трпеливоста, неповредувањето на другиот значат афирмативни поими како заложба за добро однесување, почитување на другиот, помагање на другиот и пред сѐ љубов кон другиот.

Во кодексот на однесување на катастарските службеници пишува „Начинот на изразување во деловната комуникација треба да биде стручен и јасен. Во деловната комуникација не смее да се употребуваат неформални изрази и друг начин на изразување кој би довел до создавање на впечаток на несериозност и незнаење“. Овој извадок се однесува на А. „непрофесионалноста во извршувањето на работните задачи“ Б. „квалитетот на извршување на задачите во работата“.

Во зависност од пристапот кој го имате кон прашањето, може да се прифати афирмативната или негативната форма на одговорот.

Кога се инсистира на чистотата на телото и духот како вредност, таквата етичка норма е дел од А. Општочовечките норми Б. Источните норми В. Личните норми на секој човек Г. Норми на заедницата.

Мноштво етички учења реферираат на односот тело–дух, следствено би можело да се одговори со „општочовечки норми“. Но, несомнено е дека и во учењата на источните народи се инсистира на чистотата на телото и духот.

И на прашањето „Кое учење претпочита телесно воздржување и сиромаштво?“ се понудени два точни одговора: киници и џаинисти!?

И конечно, на прашањето за значењето на поимот вистинољубивост, составувачите го забележале одговорот „кога сознанијата се точни и реални“.

Да се биде вистинољубив значи да се има копнеж, ерос, љубов за вистината. А, дали сознанијата се „точни и реални“, утврдуваат логиката, гносеологијата и одделните науки. Вистинољубивоста, несомнено е услов без кој не се може во сознанието на вистината. Но, може да се биде вистинољубив, па сепак да не се сознае вистината.“

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска