Легализиравте масло од канабис, ама сега поодговорно!

Од:

Пишувајќи ја мојата докторска дисертација што се однесува на примена на економијата во здравството, се соочив со фрапантни бројки кои покажуваат дека луѓето се жртва на маркетингот од страна на фармацевтските компании. Сериозните несакани дејства на лекот што ги кажуваат во забрзаната снимка можат да Ви ги одземат животот. Конкретно, Македонија е земја во која на своја рака се користат најмногу лекови, без претходна консултација со лекар. Релевантите статистички податоци покажуваат регистрирани случаи на смртност од лекови кои не се издаваат со лекарски рецепт, како на пример тие кои ја спречуваат настинката.

Читам деновиве еуфорија поради легализирањето на маслото од канабис, за кое повеќе од убеден сум дека треба да биде препишано со лекарски рецепт и со сериозен мониторинг за време на употребата. Легализацијата на маслото од канабис значи само дополнителна заработка за производителот и продавачот, ако се има предвид цената на растение кое практично расте во Вашата околина. Сепак, иако може да изникне како нане, не смее да се заборави дека секоја билка има и контраиндикации и подлежи на злоупотреба. Анализирајќи ја работата на фармацевтските компании, тивкото разболување на популацијата и нејзиното принудно лечење, сметам дека веднаш треба да се преземат мерки што ќе го поткрепат овој проект, во најмала рака, со лекарски рецепт и начин на дозирање.

Да бидеме јасни: не разбрав зошто еден хормон од плазма на глушец што се користи за лечење генетски заболувања чини петстотини илјади евра годишно, по пациент?! Економска логика, што е и мој фах, во ова истражување не можев да (про)најдам. Сепак, апелирам до надлежните да не си поигруваат со избрзани легализации и слободно пуштање во употреба пред претходно да обучат лекари што ќе ги спроведат истите. Не заборавајте дека еден обичен витамин Ц е контраиндициран кај луѓе со мултиплекс миелом или пак дека чајот од нане не смее да го пијат трудници. Уште повеќе, суплементот НЕУРОБИОН, за кој милиони статии зборуваат во суперлативи, статистиката и испитувањата покажуваат дека со подолга употреба може да предизвика периферни невропатии. Популарниот “Q10” е контраиндициран кај луѓе со автоимуни заболувања. Обичниот калциум што на своја рака го земате за здрави коски треба да биде избалансиран со магнезиум, а може да предизвика создавање камења во бубрезите. Да не Ви зборувам за токсичноста на витаминот “А” за црниот дроб. Фолната киселина, пак, може да храни определени тумори .Додатоците од железо не се исто така наивни, може да се депонираат во многу органи, доколку телото нема потреба од нив, и да предизвикаат откажување на истите. Аспиринот земен на своја рака во комбинација со антидепресиви може да предизвика сериозни крварења. И уште милион вакви примери…

Оттука, произлегува и закучокот дека сите овие витамини, минерали и лекови може современата медицина да ги користи како профилакса или како лекови, иако многу ретко ги препорачуваат, но најчесто како придружен момент во лечењето со конвенционалните лекови и за кои, да бидеме реални, постојат и сериозни истражувања за нивната делотворност. Сепак, пред да користите што и да било, подобро вложете во добро информиран лекар и во консулатација со него обидете се да ги поправите првенствено здравствените навики, стилот на живот и изборот на додатоците во исхраната.

Барам лекарите да не дозволат “магичните лекови” да бидат лесен предмет на продажба. Да се разбереме, ја поддржувам легализацијата, но не и шарлатанскиот приод, нестручните студии и опасниот маркетинг кои можат да пресудат кај многу животи. Лекарите треба да дадат упатство за употреба и да го спроведат лечењето. Со воведувањето комерцијално масло од канабис некој ќе инкасира огромни пари, а некој ќе стане предмет на злоупотреба. Многумина пациенти ќе добијат лажна надеж, може да донесат површински одлуки и да ја влошат својата здравствена состојба. Препораката од лекар не смее да се избегне.
За крај, хемотерапиите потфрлија во многу студии, но јас се` уште не сретнав ниту толку делотворни лекови за кои се пишува по интернет, со толкава ефикасност. Не смееме да бидеме наивни, бидејќи фармацевтската мафија немаше да дозволи толку лесно, доколку се делотворни овие производи да го видат светлото на денот, ако и самата претходно не направи помпа од маслото, па сега да се доживува како спасение. Затоа, мудро да побараме клинички испитувања и лечење, само и само по препорака од лекар. Лекот не смее да се продава во киоск од продавач на бонбони. Закон, регулатива и одговорност, а не „сам испил – сам ќе одговара“.

Дејан Блажески

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска