Основниот суд Скопје 1 денеска соопшти дека се уште ја нема добиено одлуката од претседателот Ѓорге Иванов за повлекување на аболицијата.
Во соопштението се наведува дека по добивањето на одлуката, Судот ќе постапува и ќе ја спроведе одлуката согласно законските надлежности.
– Што се однесува до постапките на гонење на одредени лица што беа опфатени со аболицијата, а кое гонење беше започнато од Специјалното јавно обвинителство и прашањето дали истите ќе продолжат, Ве известуваме дека судот не е орган надлежен да гони и затоа за овие прашања ве упатуваме да се обратите токму до Обвинителството кое го отпочнало гонењето, се вели во соопштението.
Основниот суд Скопје 1 информира дека за лицето З.К. на кое согласно одлуката на претседателот Иванов, од страна на судот со решение му е запрена постапката за извршување на казната затвор, откако ќе биде добиена одлуката за повлекување на аболицијата, таа ќе биде доставена до судија за извршување санкции.
– За предметот во јавноста познат како „Транспортер“ и барањето на СЈО за замрзнување на имот на одредени лица кои се опфатени во овој предмет, ве информираме дека до Кривичниот суд се уште не доставило барање за оштета спрема трето лице согласно законските одредби од страна на надлежното обвинителство и барањето сеуште не е уредено како би постапувал судот, се наведува во соопштението до Основниот суд Скопје 1.