Судската администрација ќе штрајкува пред Министерството за правда

Од:

Синдикатот на УПОЗ и Здружението на судска администрација од утре ќе го радикализираат протестот со кој бараат зголемување на додатоците на плата за 35 проценти исто како што тоа е предвидено кај судиите, јавните обвинители и јавнообвинителските службеници.

Од утре од 11 часот вработените во судската администрација, кои изминатите 10-тина дена протестираа во кругот на судовите, своето незадоволство ќе го искажат пред Министерството за правда. Од петок судовите нема да издаваат уверенија со печат, а од понеделник нема да се работат постапките за обезбедување на докази.

Претставниците на Синдикатот на УПОЗ денеска на прес-конференција посочија дека се одлучиле на ваков чекор бидејќи веќе 10-тина дена трае протестот на судската администрација, а нема интерес за преговори од страна на работодавачот.

Протестот на судската админстрација беше активиран на 18 мај откако не беше исполнето нивното барање за кое беше постигнат договор на состанок во Министерството за правда. Според УПОЗ, причината за тоа се двете писма кои до Владата ги испратил поранешниот претседател на Судскиот буџетски совет. Во едното од нив, како што велат од УПОЗ, тој побарал исплата на додатоците на плата, а потоа испратил уште едно писмо во кое дал политички квалификации на штрајкот и на Синдикатот.

– На средбата во Министерството за правда која беше свикана на наше барање и на која присуствуваше и тогашниот претседател на Судскиот совет во функција на претседател на Судскиот буџетски совет, Бранко Ушковски, едногласно беше речено дека нашето барање е оправдано и дека треба да изнајдеме решение. Беше договорено Синдикатот на УПОЗ да испрати барање до Судскиот буџетски совет, а потоа Судскиот буџетски совет тоа барање да го испрати до Владата. Според договореното Ушковски тоа го направил, но потоа испратил друго писмо во кое дава политички квалификации за Синдикатот и за штрајкот, појасни претседателот на УПОЗ, Пеце Грујовски.

Синдикатот на УПОЗ обвини дека се врши притисок врз вработените во судовите и од страна на новиот претседател на Судскиот буџетски совет Зоран Караџовски. Претставниците на УПОЗ посочија дека и на јавните обвинители и јавнообвинителските службеници само еден месец им се исплатиле зголемените додатоци на плата, а повеќе не им се исплаќаат, иако тоа е предвидено согласно закон.

Досега протестот се одвиваше во судовите, а во извесен период од денот судските службеници штрајкуваа пред судовите.

Би можело да ве интересира

Коалицијата „Сите за правично судење“ реагира на назначувањата во Академијата за судии и јавни обвинители

Панова: Успешно ли е кога довербата во правосудството е минорни два отсто?

Левица: Одговорност за бегството на Рамадани Владата да бара во сопствените редови

Хисени: Признавањето вина од Мемети и од Георгиев – горчлив доказ за понатамошното намалување на довербата на граѓаните во правосудниот систем

Во Обвинителството и судството парите од буџетот за нови вработувања ги пренаменувале за плати велат од Финасии

Синдикат на УПОЗ: На повидок суспендирање на колективните договори