Селективната правда и помилувањата не се прифатливи за ЕУ, порачаа денеска евроамбасадорот Аиво Орав и Вутер Пломп амбасадорот на Холандија, земја претседавач со ЕУ, на денешната промоција на истражувањето за националниот систем за интегритет на Македонија.
– Ако една земја сака да остане демократски и модерна, да се развива економски од клучно значење е справување со корупцијата особено во високите нивоа. Сведоци сме на единствена исклучителна политичка конфузија со одлуките кои се носат во последно време. Оваа конфузија за жал продолжува и понатаму. Европската унија јасно изјави дека селективната правда и помилувањата не се прифатливи. ЕУ заедно со другите меѓународни фактори ја нагласува важноста на СЈО и улогата на правосудството, рече Орав.
Тој упати апел да престане опструирањето на работотата на СЈО. – Ги повикуваме сите страни да престанат со попречување на работата на СЈО. Ги повикуваме да не се опструира работата на специјалните обвинители. Единствено така владеењето на правото ќе биде осигурано и ќе има правда, изјави амбасадорот Орав.
Холандскиот амбасадор Пломп истакна дека Холандија навистина ја поддржува демократизацијата и борбата за владеење на правото, која го поздразбира и принципот на еднаквост на сите пред законот.
– Холандија придава голема важност за владеењето на правото и активно придонесува за подобрување во оваа област во Македонија. Политичката волја е клучен предуслов за тоа. Она што сега е важно е сите засегнати страни да го почитуваат владеењето на правото, а тоа значи поддршка на работата на СЈО и сеопфатно повлекување на помилувањето за сите лица што ги помилува претседателот, рече амбасадорот Пломп на промоцијата на наодите од истражувањето за националниот систем за интегритет на Македонија, спроведено од Транспаренси интернешнл-Македонија.
Извештајот што беше промовиран денеска е научно заснована квалитатавина анализа која содржи бројни индикатори со кои може да се согледа состојбата во институциите, клучни во борбата против корупцијата. Содржи 39 препораки за надградување на механизмите за следење на прогресот на земјата во борбата против корупцијата, што во оценките за Македонија ќе ги користи Европската комисија.