Претседателот на ДПА Мендух Тачи денеска во во канцеларијата на Европската унија во Скопје се сретна со генералниот директор на Директоратот за проширување во ЕК, Кристијан Даниелсон.
На средбата стана збор за политичката криза во земјата, како и за ставовите на ДПА за надминување на ова ситуација.
Тачи, како што соопшти ДПА, истакнал дека причинителите на кризата ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ продолжуваат со еднострани и неодговорни одлуки за прашања кои беа дел од преговорите и за кои требаше да се постигне консензус меѓу најголемите политички партии, со посредство на претставниците на САД и ЕУ.
На средбата Тачи оценил дека единствен излез од оваа ситуација е продолжение на вистински политички дијалог со посредство на меѓународниот фактор, кој бара нов пристап и силна политичка волја од сите страни.
Исто така, нагласил дека решението на спорот за името и меѓуетничките односи, како и исполнувањето на демократските услови за организирање веродостојни избори без оглед кога тие ќе се одржат, и понатаму остануваат клучни и неопходни прашања за ДПА.