Светските лидери и претставниците на хуманитарни организации денеска на првиот ден од Светскиот хуманитарен самит во Истанбул повикаа за подобра распределба на товарот од глобалната хуманитарна криза и мобилизирање на повеќе средства за згрижување на раселените лица.
Генералниот секретар на Обединети нации Бан Ки-мун ги повика владите, бизнис заедниците и хуманитарните организации да се обврзат дека ќе се потрудат да го преполоват бројот на раселени лица до 2030 година.
– Со 60 милионии раселени лица ширум светот и најмалку 125 милиони луѓе на кои им е потребна помош и заштита во најголемата хуманитарна криза од Втората светска војна, самитот претставува можност за поинаква иднина, посочи Бан.
Тој предупреди дека остварувањето на цели не е лесна задача и дека бара „политичка волја каква што не е видена претходните години“.
Канада вети 274 милиони долари за агенции на ОН за помош на жртвите од природни катастрофи и од вооружените судири.
– Кога гледаме дека се бомбардираат болници мораме јасно и гласно да кажеме оти тоа е неприфатливо, истакна канадската министерка за меѓународен развој Мери-Клер Бибо.
Реџеп Таип Ердоган, претрседателот на Турција, земја која прими три милиони сириски бегалци го обвини Западот дека малку прави за да им помогне на Сиријците.
Тој потенцира дека товарот од светските кризи треба подобро да се распореди и побара раформа на Советот за безбедност на ОН за „судбината на човештвото“ да не зависи од петте членки кои имаат право на вето.
Германската канцеларка Ангела Меркел посочи дека мора да се подобрат начините за испорака на хуманитарната помош.
На дводневниот самит учествуваат претставници на 150 држави, меѓу кои 57 премиери, лидери на меѓународни агенции и невладини организации, како и познати личности како актерите Шон Пен и Данијел Крејг.