Пратеници, кого претставувавте со гласањето на законот за селективна правда?

Од:

Една стара изрека вели: “Ако убиеш еден човек – стануваш убиец, ако убиеш десетина – стануваш масовен убиец, ако убиеш милиони – стануваш освојувач“.

Очигледно нашиве политичари, во делот на парите, тоа го сфатиле во буквална смисла на зборот. Или, со други зборови: “Ако украдеш штека цигари – шест месеци затвор, ако украдеш десетина мобилни телефони – пет години затвор, ако украдеш милиони евра – тогаш веќе си политичар и добиваш амнестија“.

Е, тоа така не оди драги мои пратеници, а не оди ниту вашиот начин на гласање со кои го изгласавте законот за селективна правда.

Собранието по дефиниција претставува претставнички орган на граѓаните. Кои граѓани ги претставивте со изгласување на овој закон?

Улогата на Собранието е, меѓу другото, да носи закони кои се јасни и прецизни и во насока на заштита на човековите права, а со тоа во насока на заштита на правата на секој граѓанин.

Законите треба да се јасни за секој да знае во секој момент што смее, а што не смее да направи.

Со овој закон, како ќе им објасните на оние затвореници, на нивните фамилии, на нивните деца, сопруги, сопрузи…зошто нивните блиски лежат по затворите за украдена една штека цигари, за украдени десетина мобилни телефони, или дури и за нешто за кое и немало релевантни докази, а такви пресуди и такви затвореници има побајаги.

Драги мои пратеници, не ли ви кажаа дека главното мото на државата и на власта треба да бидат граѓаните на прво место и нивните слободи и права, а не слободите и правата на поединци – тоа е селективна правда и во современиот свет таа не само што не е дозволена, но предизвикува и одговорност за оние што ја овозможиле.

Истовремено, ваквиот закон е спротивен и на „Целите на судската власт“, преку кои се предвидува – Заштита, почитување и унапредување на човековите права и основни слободи, како и обезбедување на правна сигурност врз основа на владеење на правото – но за сите граѓани подеднакво, не за поединци.

Од тие причини, кога е во прашање разрешување на сомневања за сторени тешки кривични дела, не ви е дозволено да донесувате закони кои донесуваат само несигурност кај граѓаните, а не нивна рамноправност.

Заради тоа, изгласување на закони во Собранието треба да исклучи секакво пристрасно применување на правото, затоа што ја имате обврската да гласате закони кои ќе обезбедуваат правна сигурност кај сите граѓани на основа владеење на правото, а не создавање селективна правда и селективно право.

Затоа, ја заборавивте ли личната одговорност при изгласување на овој закон, или никој не ви ја кажал дека постои, не ли ви кажале дека пратеничкиот имунитет не штити од несовесно вршење во службата, од злоупотреба на дејсноста, од предизвикување несигурност кај граѓаните.

Одговорот на овие прашања самите дајте си го, но тоа направете го кога ќе се исклучат собраниските светла, кога ќе си заминат сите ваши колеги пратеници, кога ќе си заминат сите јаки министри, заменици, подсекретари…. кога ќе останете сами, толку сами што ќе можете да си ги слушнете сопствените мисли – е тогаш ќе го слушнете вистинскиот одговор кој самиот ќе ви дојде – притиснав погрешно копче, одбрав погрешен одговор.

Ваквиот одговор е неизбежен, затоа што после ова може да следи – одговорност.

Адвокат – М-р. Стојанче Геровски

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска