Претседателот на ДПА, Мендух Тачи денеска во седиштето на партијата се сретна со делегација на Министерството за надворешни работи на Кралството Холандија, предводена од генералниот директор на соработка со Европа, Роберт де Гроот.
На средбата на која присуствуваа и Сузан де Грот и Матијан Лукасен, високи политички советници на Холандското МНР во ЕУ, како и холандскиот амбасадорво Воутер Пломп, информираат од партијата, стана збор за политичката криза во земјата и за ставовите на ДПА како да се надмине оваа ситуација, како и други прашања од заеднички интерес.
– Претседателот Тачи ја образложи понудата на ДПА за излез од политичката криза и како да се забрза процесот на евро-атлантските интеграции. Изјави дека споровите меѓу македонските партии се виртуелниот, а реалниот проблем на Македонија е спор за името и меѓуетничките односи. Само со силна политичка волја и нов пристап може да се надмине актуелната политичка криза и да се спроведат неопходните реформи, истакнал Тачи.
Тој ги уверил соговорниците дека ДПА ќе продолжи да биде дел од демократските процеси и евро-атлантската перспектива на земјата и ќе дејствува силно за да се промени ситуацијата во Македонија.
Претставниците на холандската делегација истакнале дека нивната земја го поддржува целосното спроведување на реформите во земјата и високо ги вреднува напорите на ДПА за конструктивниот придонес во надминување на политичката криза.