Хојт Ји: Итно и целосно да се укине аболицијата

Од:

Со одлуката за аболиција од 12 април донесена од претседателот на државата се поткопува владеењето на правото и принципот на одговорност. Оваа аболиција не само што му нанесе штета на владеењето на правото во Македонија, туку и на кредибилноста на Македонија како земја која се определила да се интегрира во евроатлантските институции. Многу е важно лидерите итно да делуваат за да се поправи штетата предизвикана од оваа аболиција и тоа да го направат на јасен, целосен и недвосмислен начин и што е можно поитно.

Ова го изјави заменик помошникот државен секретар на Стејт департментот Хојт Брајан Ји по дводневните средби и разговори со политичките лидери во државата, за време на посетата посветена за изнаоѓање решение за излез на земјата од политичката криза. Тој нагласи дека сите негови средби и разговори вчера и денеска биле за одлуката за аболиција од 12 април.

– Доколку лидерите ја отповикаат аболицијата делумно или на селективен начин тоа ќе придонесе за зголемување на чувството за неказнивост во земјава и за недостиг на одговорност. Одговорноста подразбира и тоа лидерите на партиите да дадат целосна поддршка на институциите во земјата одговорни за владеење на правото, вклучувајќи го и Специјалното јавно обвинителство. Се додека постои одговорност во однос на тврдењата за незаконски дејствија поврзани со материјалите од прислушувањето, како и за други кривични дела, Македонија ќе остане заглавена во оваа криза и нема да биде во можност да постигне напредок кон нејзините најважни цели што подразбира напредок во однос на евроатлантските интеграции, подвлече американскиот дипломат.

Веруваме дека Владата преку своите активности, како што посочи, мора да покаже посветеност за робусна и плуралистична демократија и имплементација на реформите на кои се обврзаа политичките партии со договорот од Пржино. Тоа значи вклучување на опозицијата и на ставовите на граѓанското општество. Оваа инклузивност, вели Ји, ќе биде клучна за воспоставување на системот на контрола и рамнотежа во однос на моќта на Владата што на Македонија и е потребно за да оди напред.

– Со цел да биде здрава демократија и да се врати на евроатлантскиот пат Македонија мора да ја обнови посветеноста на начелата на плуралната демократија, владеење на правото, почитување на концептот на контрола и рамнотежа и транспарентност со што нема да се повторува старата пракса. Со години САД се силни и веродостојни партнери на Македонија. Затоа ги повикуваме сега македонските лидери да ги преземат активностите што ги спомнав погоре, да ги спроведат реформите согласно договорот од Пржино, да ги зајакнат институциите и да изградат инклузивна, одговорна влада. Доколку лидерите на земјата го направат тоа, САД ќе продолжат да даваат поддршка на нивните напори и да бидат силен партнер, порача американскиот дипломат.

Заменик помошникот државен секретар на Стејт департментот Хојт Брајан Ји во рамки на дводневната посета на Македонија, која е трета во изминатите 13 месеци, имаше средби со лидерите на четирите партии потписнички на договорот од Пржино.

Би можело да ве интересира

Измените во Кривичниот законик го премислија адвокатот Наумовски: Повлечена иницијативата за помилувањата на Иванов

Александар Тодески

Ќе воскресне ли аболицијата од Иванов – скопски адвокат поднел барање до Врховен

Анита Петровска Рајковиќ

Пендаровски се залагал да се исклучи аболицијата во новиот предлог закон за помилување

A1on

Судот во Стразбур ќе ја објави одлуката за поништената аболиција на Иванов

Катерина Ѓуровски

Поништувањето на аболициите од Иванов е уставно, се отвора патот за предметите на СЈО

Кристијан Ландов

Дебатата за помилувањата го отвора прашањето за одговорноста на Иванов

Ана Ололовска