Пред некој ден, во една дебатна емисија, еден гостин кажа една голема вистина (парафразирам) дека фондацијата на германските демо-христијани Конрад Аденауер минатите години инвестирала многу пари во вмровските млади политичари, со нивно школување во Германија, како би ги едуцирале за демократијата и обучиле да бидат модерни европски политичари од демохристијанска провиниенција. Резултатот и успехот им ги гледаме сите.
Нејсе, некаде кон крајот на 2001 година, имав аплицирано во скопската канцеларија на Конрад Аденауер, за стипендија за постдипломски студии на универзитет во Германија. Ја поминав пред селекцијата и стигнав на финално интервју со тогашниот директор на канцеларијата, инаку Германец (забравих му името). Она што беше клучно во разговорот, и што ми остана во сеќавање, не се однесуваше на академско-научниот карактер на моите студии – да образложам и убедам зошто мојата тема за магистерски студии е важна за мојата иднина и за академската заедница, туку господинот постојано се интересираше дали сум политички активен, член на некоја партија, и како планирам знаењето стекнато преку студиите (доколку ја добијам стипендијата) по враќањето да го применам за напредок на партиско-политичкиот живот во Македонија. Имав впечаток, уште што не ме праша – зошто не си член на ВМРО-ДПМНЕ(!?).
Мојот одговор беше дека во животот немам амбиции за политички ангажман, а и да имам, најмалку тоа би било во партијата ВМРО-ДПМНЕ. Да потсетам, тоа беше време на штотуку завршениот конфликтот со Албанците, Љубчо Георгиевски и неговата партија се перципираа од мнозинството како едни од главните фактори за војната, но и дека се навлезени длабоко во корупција (се сеќавате на маусите и тастатурите плаќани по 2.000 германски марки). Веројатно од благородни причини – да ја еманципираат, модернизираат и демократизираат нивната сестринска партија, во оваа Фондација бараа лица кои политички едуцирани на Запад, ќе се вратат во Македонија за, преку прогресот во партијата, да напредува и самото општество и државата.
Иако никогаш официјално не бев известен за резултатот од мојата апликација, неколку седмици по разговорот, дознав дека апликацијата ми била одбиена, т.е. дека не сум ја добил стипендијата. За мене тоа не беше некое големо изненадување бидејќи јасно ми беше дека јас не се вклопував во она што тие го оцениле за свој приоритет во Македонија и го бараа, а и што се насетуваше преку прашањата од интервјуто. Иако званично не се знаеше кој беше новиот стипендијант, по неформални канали дознав дека стипендијата ја добил другиот кандидат (бевме двајца), а тоа беше, никој друг, туку Антонио Милошоски.
Вториот пат, меѓутоа индиректно, животната судбина со Милошоски сакала да ни се вкрсти есента 2006., овој пат преку случаен разговор воден на палубата на речниот брод, со кој пловев по реката Рајна од Бон до Линц (оној помалиот, во Германија). На таа пловидба, јас веќе успешен стипендијант на постдипломски студии на германската фондација Херти, скокајќи од тема на тема со еден професор, инаку емигрант од Бугарија, кој нашол академски ангажман на Универзитетот во Бон, ми се потврди неформалната информација од пред 5 години, дека негов студент, како стипендијант на Конрад Аденауер, бил, тогаш веќе новиот министер за надворешни работи на РМ, Антонио Милошоски. Во залезот на сонцето на хоризонтот на Рајна, дознав и за исповестите на надежниот докторанд кој, во напад на искреност, му ги доверувал чувствата на својот професор, дека воопшто немал проблем да ја прифати заедничката историја и етничкото потекло на Македонците и Бугарите, но дека тоа не било упатно јавно да го кажувал во Македонија.
Зошто се сетив на овие моменти од минатото и го напишав сето ова? Прво, бидејќи знам дека истите прашања, кои мене ми ги поставувал директорот на Конрад Аденауер (за мојот придонес за развој на демократијата во државата по завршување на студиите), сигурно му биле поставувани и на Антонио Милошоски. И можам да претпоставам како запенавено го убедувал во своите демократски верувања, патриотска чесност, демохристијански светоглед и желба за македонски прогрес. Така било пред 15 години. Второ, гледано од денешна временска дистанца, и поради сознанието колку Фондацијата и нејзиниот тогашен директор погрешиле во одлуката за избор, во однос на критериумите кои ги барале од кандидатите: не затоа што мене не ме избрале, туку што се решиле да го изберат противкандидатот. Ова ли е тој Антонио Милошоски, кого пред 15-тина години во Конрад Аденауер го проектирале и сакале да го видат како денешна модерна политичка елита на ВМРО-ДПМНЕ и Македонија?
Така што денес, кога ќе дојде германскиот посредник, демо-христијанинот, Јоханес Хајндл и го построи раководството на ДПМНЕ, вклучително и Антонио Милошоски, задолжително нека го праша зошто кога барал да му го финансираат школувањето во Германија лажел дека верувал во демократијата и правната држава!? Притоа и немораат да признаат нашите пријатели од Германија дека овие криминогени типчиња се и нивно дело, затоа што пред 15-тина години тие беа нивна инвестиција за подобра Македонија; само нека ни помогнат што побезболно да се тргнат од власт. Затоа, Willkommen Ihre Exzellenz Herr Haindl (доколку тоа ви е мисијата)!
Д-р Ненад Живановски