Екипите на Ливерпул и на Севиља се пласираа во финалето на Лига Европа што на 18.мај ќе се игра во Базел. Во реванш полуфиналните дуели и двете екипи постигнаа победи на домашен терен и ги елиминираа своите ривали Виљареал односно Шахтјор.
Ливерпул на „Енфилд“ го победи Виљареал со 3:0 (вкупен резултат 3:1). Во 7.минута по автоголот на Бруно Сориано Ливерпул ја анулира предноста на Виљареал од првиот дуел. На 2:0 во 63.минута зголеми Даниел Стариџ, додека конечните 3:0 ги постави Адам Лалана во 81.минута.
Бранителот на пехарот Севиља на домашен терен го победи Шахтјор со 3:1 (вкупен резултат 5:3). Два гола постигна Кевин Гамеиро во 9 и 47.минута, а стрелец беше и Мариано Фереира во 59.минутаза Севиља, додека голот за Шахтјор го постигна Едуардо во 44.минута.
Со пласманот во финалето Севиља доби можност третпат во низа да го освои пехарот во Лига Европа. Севиља заедно со Купот на УЕФА има четири трофеи во ова натпреварување, додека Ливерпул има три.