Ние и Големиот Брат(учед)

Од:

Има нешто добро и во тоа дел од животот да се помине (потроши) во ерата на владеење на Никола Груевски. На пример, доколку токму во тој период сте се решиле да ја прочитате книгата на Џорџ Орвел „1984“, читајќи ќе почувствувате исклучително естетско-реалистично доживување на делото, кое не би го имале во ниедно друго време надвор од владеењето на груевизмот. Додека го читате романот, неизбежно ќе останете фрапирани од увидот дека во секоја страница, параграф, реченица која ја напишал Орвел има директна аналогија со нашиот живот под Груевски, како Орвел да бил современик на оваа власт, или, што е пореално, како Груевски секој дел од книгата да се трудел да го примени при осмислувањето како да владее сто години.

Ако во една од минатите колумни, насловена „Нож во срце за секој Македонец“, се обидов да го споредам односот на просечниот Македонец кон власта со оној на Јозеф К. од делото на Франц Кафка „Процес“ (наоѓајќи ја сличноста во тоа што Македонецот е како главниот лик на Кафка, совесен и лојален, скромен, повлечен и уплашен, во некои ситуации речиси и со полтронски однос кон претпоставените, бирократијата и власта, неспособен нешто да промени бидејќи е убеден во својата беспомошност), во овој напис аналогијата на општествениот амбиент кој го живееме сите овие години од владеењето на Груевски ќе ја побарам во мрачната атмосфера која доминира во орвеловата „1984“.

Дејствието во романот се одвива во т.н. држава Писта еден (поранешна Велика Британија), во светло на постојана војна, сеприсутен државен надзор и јавна манипулација, кои се контролирани од привилегираната партиска елита, која го прогонува и казнува секој индивидуализам и независно мислење. Државната тиранија ја олицетворува Големиот Брат, лидер на Партијата, кој ужива во својот култ на личност, заедно со Партијата, при што не ги интересира добробитот на останатите граѓани. Една од главните теми на приказната е цензурата, особено онаа во Министеството на вистината, каде фотографиите се ретушираат, а јавните архиви се менуваат како би се решиле од незгодни личности за кои партијата одлучила да ги избрише од историјата. Главен непријател на Големиот брат и Партијата е извесен Емануел Голдштаин, кој се одметнал од Големиот Брат и избегал во соперничката држава Евроазија, од каде организира диверзии. Власта Голдштаин и неговите активисти ги опишува како причина за сите проблеми во државата, и затоа секој ден Голдштаин е предмет на ритуал наречен „две минути омраза“, кога граѓаните пред телекраните искажуваат омраза кон неговиот лик и љубов кон Големиот Брат. Функцијата на телекраните, кои се инсталирани во секој дом и на сите јавни места, е да прикажуваат неверојатни преувеличувања и лажни бројки за постојано растечката економија и се подобриот животен стандард на населението, иако во стварноста граѓаните живеат се полошо. Меѓутоа, никој од граѓаните не може неутрално да ги провери соопштените информации бидејќи партијата ги контролира сите медиуми.

Главен лик во романот е Винстон Смит, член на Партијата, кој работи во Министерството за вистина, кое е одговорно за пропаганда и историски ревизионизам. Негова работа е да ги исправа написите во печатот така што поддршката на Партијата да биде остварена и преку лажирање на историски факти. Во еден момент тој е откриен од тајната полиција дека се поколебал во својата безусловна лојалност кон Големиот Брат и поради тоа е притворен во озогласената соба за превоспитување ’101’, каде е подложен на тортура за целосно да се откаже од своите убедувања и поверува во единствената вистина која ја застапува Партијата. Симболичниот успех во таа преобразба е опишан со негово прифаќање дека 2+2 навистина е 5.

Во еден дел од книгата, Орвел го објаснува начинот како секој ден се применувале ’двете минути омраза’: „Програмите две минути омраза се менуваа секој ден, меѓутоа секогаш главна личност бил Голдштаин… Во двете минути омраза страшно било тоа што човекот не бил присилен да се преправа; напротив, било невозможно да не се се учествува. Во рок од триесет секунди веќе немало потреба за преправање. Одвратната екстаза на страв и осветољубивост, желба за убивање, за мачење, за унаказување на туѓите лица со токмаци, би започнала да тече низ целата група како електрицитет, претварајќи го човекот, и против негова желба, во лудак…“. Опседнатоста со непријател за сите овие години на власт на ДПМНЕ беше императивна, при што македонскиот Емануел Голдштаин прво беше Бранко Црвенковски (звучи познато, „Бранко е крив“), а потоа и Зоран Заев – две опозициски фигури, кон кои беше фиксирана ирационална омраза дека се виновни за секое лошо во државата. Таа омраза сѐ уште се индуцира и таа не е ниту инцидентна, ниту спонтана, туку систематска и темелно оранизирана, а јавно се манифестира било преку медиумите или преку организираните божемни независни пртоести пред седиштетот на СДСМ, од таканаречените жртви на транзицијата, ГДОМ и сл., инаку сите членови на ДПМНЕ. Како што Орвел пишува дека Голдштаин бил прогласен за непријател број еден и поради тоа морал да се сатанизира и уништи, така и фиксацијата на омраза била упатена кон Црвенковски и Заев, но и кон секој граѓанин кој јавно ќе се залагал за поинаква стварност од онаа на власта, колективно прогласувајќи ги за противници на реформите на Груевскки, реакционери, соросоиди, странски платеници. Позната е синтагмата од фамозното писмо на Груевски од 2009 г. за „финалната битка против транзициските политичари и интелектуалци за конечно да исчезнат од историјата“. Веднаш потоа уследи и партизација на Уставиот суд, оценувајќи ги судиите, кои дотогаш ги поништувале одлуките на Владата, за главна пречка за реформите на власта. Една по една паѓаа сите независни брани во општеството, кои можеле да воспостават каква-таква независна контрола над залудената од моќ власт. Оттука и името Емануел Голдштаин има метафорично значење за нас со кое можат да се поистоветат сите опоненти на режимот, бидејќи овие десетина години власт на ДПМНЕ донесоа ново искуство во нашиот политички живот – политичкиот противник и критичарите да не се прифаќаат од власта за легитимна опозиција, туку, исто како е опишано во „1984“, за непријател и крвник кој треба да се сотре. Сето тоа режимот не можеше да го постигне доколку и тој не воведе во своите медиуми „две минути омраза“ кон сѐ што е критички настроено кон власта.

Во друг дел од книгата, Орвел го скицирал профилот на обичниот член на партијата, преку ликот на извесен Парсон: „Парсон бил колега на Винстон во Министерствотот за вистина, дебелкаст, но енергичен човек, глуп до таа мера што тоа го парализирало; куп од имбецилни воодушевувања – еден од оние целосно предадени, лојални, тегнечки коњи, на кои Партијата многу повеќе ја темелела својата стабилност, отколку на Полицијата на мисли… Во Министерството работел на некоја подредена позиција, за која не се барала интелигенција, но од друга страна бил водечка личност во Спортската секција и сите останнати секции, кои се занимавале со организирање колективни излети, спонтани демонстрации, кампањи за штедење и волонтерски активности“. Во еден разговор партискиот активист Парсон му го кажал на Винстон следново: „Да се биде идеолошки исправен значи да не мислиш – да немаш потреба да мислиш… Во нашиот свет нема да има други емоции освен емоции на страв, гнев, триумф и самоуништување, а и од најнискиот член на партијата се очекува да биде (…) фанатик, кој ништо незнае, а верува во сè што ќе му се каже, фанатик чии примарни чувства се страв, омраза, полтронство и оргијански триумф. Со други зборови, потребно е да има менталитет кој одговара на воена состојба“. Ваквата дескрипција на менталниот склоп на обичниот член на Партијата на Големиот Брат е шаблонски применлива и на она што најчесто претставува просечен член на ДПМНЕ, ценето низ какво се самопонижување тој мора да помине за да издејствува вработување во јавна администрација, да биде портир, хигиеничарка, кревач на рампа на паркинг. И описот на партиската интелигенцијата е апликативен на неекспонираните дпмнеовски пратеници – ништо не мислат со своја глава, туку само гласаат по автоматизам, согласно инструкциите кои им се дадени од најтесниот круг на партиското раководство. Во така воспоставените односи во ДПМНЕ, обичниот член, не само што нема потреба да мисли, туку тоа и не му е дозолено, бидејќи правото на мислење во Партијата е резервирано само за Големиот Брат(учед). Кога Орвел го портретирал карактерот на обичниот активист на Партијата, тој ги замислувал членовите на нацистичката, фашистичката и сталинистичката партија, но, тоа се покажало и како универзален модел, применлив врз секој член на партија со тоталитарна идеологија. Оној кој барем еднаш влегол во месен или општински штаб на ДПМНЕ ќе ја увиди точноста и прецизноста во описот на Орвел.

Писателот, во еден дел од книгата, ја опишувал и опсесијата на Големиот Брат и Партијата да манипулираат со минатото и да ја менуваат историјата според свои потреби: „Ако Партијата може да ја стави раката на минатото и каже за овој или за оној настан дека воопшто не се случиле, тоа е поужасно и од самото мачење и смрт… А ако сите ја прифаќаат лагата која ја наметнува Партијата – доколку сите записи ја кажуваат истата приказна, тогаш лагата поминува во историјата и постанува вистина. Кој го контролира минатото, гласела паролата на Партијата, ја контролира и иднината, а кој ја контролира сегашноста тој го контролира минатото… Минатото, не само што е изменето, туку, е и целосно уништено бидејќи како може да се установи и најочигледен факт ако надвор од човековото помнење не постоела никаква евиденција?… Минатото било избришано, чинот на бришење заборавен и лагата постанала вистина. Како што не можела да се дознае од книгите, историјата не можела да се дознае и од архитектурата. Кипови, записи, спомен-плочи, имиња на улици – сè што можело да фрли светло на минатото било систематски изменето“. Проектот Скопје 2014 е нашата најгорчлива вистина колку технологијата на менување и заборавање на минатото, е императивна и за нашата тоталитарна власт. Објектите како Владата на РМ, Стоковната куќа, Поштата и ред други, градени во минатото, свесно се преправени во неокласичен стил, за тој лажно да сведочи за нивната старост („Кој ја контролира сегашноста, тој го контролира минатото“), така што идните генерации, по едно 100 години, ќе живеат во убедување дека тие објекти така изгледале отсекогаш и дека е тоа нивниот оригинален излед. Во нивниот нов изглед, режимските архитекти немаат интегрирано никаков субјективен креативен белег, како резултат на струката, туку само механички се материјализирани налудничавите идеи на Груевски, како тој го замислувал центарот на Скопје, како белег на неговото владење. Скопје 2014 е орвеловски пример како минатото е променето преку манипулативна употреба на архитектурата.

Како пишува во „1984“, „потребата да се менува минатото е од две причини, од кои едната е споредна и е работа на претпазливост. Споредната причина е во тоа што членот на Партијата, ги прифаќа денешните услови на живот затоа што нема основа за споредба. Тој мора да биде отсечен од минатото, онака како што мора да биде отсечен од надворешниот свет, бидејќи е потребно да верува дека живее подобро од неговите предци и дека просечното ниво на материјална удобност е зголемено. Но далеку поважна причина за промена на минатото се наоѓа во потребата да се очува непогрешливоста на Партијата (…) за да би се покажало дека предвидувањата на Партијата, во сите случаи, биле точни… Да се признае промената на сопственото мислење или, дури, на својата политика претставува доказ за слабост“. Применето на примерот со Груевски ќе се види дека тој во сите свои мандати како премиер, никогаш немал сменето ниту еден член на кабинетот под притисок, интерпелација или барање надвор од партијата (колку и да биле тие оправдани) бидејќи со тоа би ја признал својата слабост и дека грешел. Оттука и неколкуте смени на министри всушност беа оставки со смешни објаснувања дека се замориле и не можеле да го следат темпото кое го наметнувал Премиерот во своето работење. Со ваквата формулација, Груевски се заштитувал себеси дека тој и понатака бил безгрешен, продолжувал да оди по трасираниот пат – кој е и вистинскиот, а оние кои неможеле тоа да го следат самите ја признавале својата немоќ и барале да бидат заменети. Фарсичноста на ваквата манипулација беше демаскирана кога поранешниот министер Трајко Славески одби да поднесе оставка, тврдејќи дека воопшто не бил заморен и дека самиот не поднесува оставка, туку дека Груевски мора лично да го смени. 

Орвел објаснува во „1984“ и како Големиот Брат и Партијата манипулирале со резултатите кои ги постигнувале. „Применетите податоци за производство на сите видови роба за широка употреба, покажуваа дека животниот стандард пораснал за ништо помалку туку за дваесет отсто во однос на минатата година. Денес во цела Океанија дојде до необуздана спонтана манифестација; работниците излегле од своите фабрики и канцеларии и воодушевено му воскликнувале на Големиот Брат, во знак на благодарност за подобар и посреден живот, со кој нѐ обдарило неговото мудро раководство… Дење и ноќе, телекранот ги заглувувал ушите на граѓаните со статистички податоци кои докажувале дека луѓето денес имаат повеќе храна, повеќе облека, подобри куќи, подобра разонода – дека живеат подолго, имаат пократко работно време, дека се поздрави, посилни, посреќни, поинтелигентни, пообразувани отколку луѓето кои живееле пред педесетина години. Од тоа ниеден збор не можел ниту да се побие ниту да се докаже“. Манипулацијата со статистичките податоци и власта на Груевски ја има доведено до апсурдност: на пример, упорно се твди дека за време на оваа влада биле вработени 140.000 невработени (партискиот потрчко, во функција на директор на Агенцијата за вработување, одеше и чекор понапред во лагата убедувајќи дека дневно во Македонија се вработуваат и до 600. лица) и иако овие бројки се нереални, нивното постојано повторување од устата на премиерот и институциите во дел од јавноста се прима како да е вистина. Притоа, телекраните Сител, Канал 5, Алфа ниеднаш не нашле за сходно да го проблематизираат податокот дека бришењето од евиденција на невработен не значи автоматски дека лицето и се вработило, можеби се отселило или како е можно бројот на вработувања историски да е најголем, а касата на здравствено-пензискиот фонд да е празна. Најголемиот број медиуми, како и оние највлијателните, се под контрола на нашиот Голем Брат(учед), што влијае програмите да им наликуваат на соопштенијата кои се соопштуваат на телекраните во „1984“ (почетната реченица на секоја вест „Владата на РМ, предеводена од премиерот Никола Груевски“ е идентична со новоговорот во „1984“, каде секое соопштение почнувало со формулацијата: „Партијата предводена од Големиот Брат…“).

Митологијата која била воспоставена во тоталитарното општество на Големиот Брат е опишана преку искуството на главниот женски лик, Џулија. „Често била подготвена да ја прифати званичната митологија само затоа што разликата помеѓу вистината и лагата не ѝ била важна. Бидејќи така учела во училиште, верувала, на пример, дека Партијата го измислила авионот. (Винстон се сети дека во време кога тој бил ученик – партијата тврдела дека го имаат измислено само хеликоптерот; дванаесетина години подоцна, кога Џулија одела во училиште, тоа истото се тврдело и за авионот; уште една генерација и Партијата ќе си припише на себе дека ја измислила и парната локомотива)“. Опсесијата дека сѐ почнува од нас, и дека ние по првпат сме направиле нешто во државата се карактеристични и за природата на власт на Груевски. Смешниот пример за операција на око, за која министерот за здравство Никола Тодоров тврдеше дека за првпат била изведена во време на оваа Влада, беше демантирана за само 24 часа, дека истата се правела со децении порано. Или неодамнешното тврдење на Груевски дека земјата за првпат добила лабараторија за рано откривање на аномалии на плодот, истиот ден беше демантирано од вработена во Клиниката дека таква лаборатрија на Клинички постои веќе 30 години, а тестовите за кои, исто така, Груевски тврдел дека по првпат се правеле, испадна дека биле правени цели 15. години наназад. Градењето мит од квалификативот „по првпат“ и „како никогаш до сега“ и е неопходен на тоталитарната власт на Груевски бидејќи само со наметнување на таквото убедување врз колективната свест, можел да се постигне резулат кој го имаме за голем дел од населението да поверува дека навистина сето добро во државата започнало со доаѓањето на власт на ДПМНЕ и Груевски, а она што било пред тоа или било лошо или дека воопшто ништо не се работело за доброто на граѓаните. Освен бришењето на минатото и ретуширањето на историјата, и градењето современа митологија е важен елемент за секоја тоталитарна власт како би можела успешно да спроведе дисконтинуитет во општеството.

Садизмот со кој се спроведувала власта врз неистомислениците и заслепеноста на членовите на Партијата, кои сладострасно уживале во измачувањето на непријателот на Голеиот Брат, во книгата е опишано преку разговорот на главниот лик Вилијамс со лојалниот член на Партијата Сајм: „Но, секогаш – тоа немој да го заборавиш, Винстоне – секогаш ќе биде опиеноста од моќ, сè повеќе и сè посуптилно. Секогаш, во секој момент, ќе постои возбуда од победата, драж од газењето на непријателот, кој е безпомошен…Тој свет ќе биде свет на страв исто колку и на триумф. Колку Партијата биде посилна, толку Партијата ќе биде побезобзирна; колку е отпорот послаб, толку е посилен деспотизмот“. За жал, нашата потврда за сладострасноста од моќта со која се решава за туѓи судбини ја слушнавме во бомбата во која Груевски со садистичка страст зборува за уплашениот Фијат Цаноски („Никогаш не сум го видел вака уплашен“ и „Му течеше низ ногавици“). Што значи заслепеност на умот да се понижи противникот, кој е безпомошен и паднат на колена, измешано со надменоста од изборната победа, Големиот Брат(учед) нѝ покажа еден ден по изборите во 2011 година, кога, паралелно со славењето на триумфот, се спроведуваше и апсењето на Љубе Бошковски, токму на начин кој е опишан во „1984“: „дражта од газењето на непријателот кој е беспомошен“, што во овој случај значело ставање пиштол во уста на Бошковски и коментирањето да го е… наркомани во затвор. Или нечовечкото резонирање на министерката Гордана Јанкуловска, кога за убиецот на Мартин Нешковски вели да признаел сè, па, кога ќе се стишало, ќе барале начин како да го извадат од затвор. Несватливо со каква леснотија се изговараат зборови за ослободување на убиец кој крвнички претепал до смрт дете.

Понижувањето на непријателите на Големиот Брат и Партијата, во „1984“ е опишано во уште едне дел: „Сите тројца во весникот Тајмс објавиле долги, покајнички написи, во кои ги анализирале причините за своите предавства, ветувајќи дека ќе се поправат… Пред да ги изнесат своите жртви на јавни процеси, намерно им го уништувале достоинството. Ги исцрпувале со мачење и осаменост, сè додека тие луѓе не постанале бедни, јадни руини кои признале сè што им се стави во уста, се оцрнувале самите себе, се обвинувале меѓусебно, се криеле едни позади други, цвилеле за милост“. Оваа лекција од „1984“ власта на ДПМНЕ буквално ја спровела до последното упатство во случаите со Љубе Бошковски, Фијат Цановски, Ване Цветанов, Мирослав Шиповиќ, кои уценети, понижени, уништени, како руини од луѓе, биле принудени јавно да се покајат, да му се извинат на Големиот Брат(учед) и да ја признаат својата вина. Има уште редица други случаи кога новинари, јавни личности во монтирани судски процеси морале јавно да се понижуваат, плаќаат и да се извинуваат за клевета, навреда и нанесена душевна болка на моќниците на власта, за, потоа, милостивиот Голем Брат(учед) великодушно да им ја простил грешката. Орвел, објаснувајќи ја состојбата во општеството, која настанала од функционирањето на тоталитарната власт на Партијата и Големиот Брат, во својот роман оценил: „По првпат се појавила реална можност да се изнуди не само потполна покорност кон владетелот и државата, туку и потполна истоветност на мислењата за сите прашања“. Веројатно, во болните умови на дпмневската власт нешто слично се посакувало да се постигне и со македонските граѓани.

На крајот, после сите овие наведени сличности помеѓу романот „1984“ и годините на владеење на Груевски, постои и една круцијалната разлика помеѓу фикцијата на Орвел и нашата реалност: додека во „1984“ тоталитаризмот се појавува во еден постапокалиптичен период, по експлозија на атомска бомба во Лондон и континуирана светска војна, во нашиот случај недемократскиот режим на власт доаѓа со демократски средства, во мирен период, победувајќи на избори, за потоа да ја узурпира власта и воведе апсолутистичко управување. Сепак, крајниот резултат е ист: и Големиот Брат(учед) со своето владеење остава пустош зад себе како да била фрлена атомска бомба на Македонија.

Д-р Ненад Живановски

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска