Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите соопшти дека Апелацискиот суд Скопје ја уважил нивната жалба против решението на Основниот суд Скопје 1 Скопје, со кое е одбиено барањето за достава на копии од списи и електронски докази во предметот познат во јавноста како „Пуч“ и го укинал решението на судот.
– Во решението Апелацискиот суд ги уважи сите жалбени наводи на ова Јавно обвинителство и констатира дека првостепениот суд немал валидна правна основа да спрема ова Јавно обвинителство, како овластен тужител во постапката, се повикува на обврската за чување класифицирани информации, бидејќи советот на Апелацискиот суд е на мислење дека не постојат правни пречки бараните списи и докази да бидат доставени во фотокопија на ова Јавно обвинителство, се вели во соопштението од СЈО.
Советот на Апелацискиот суд навел дека во жалбата основано се истакнува оти првостепениот суд при одлучување по барањето не ги ценел во доволна мера одредбите од Законот за класифицирани информации и Уредбата за административна безбедност на класифицирани информации, при што советот на Апелацискиот суд како оправдана ја оценил потребата овластениот тужител да поседува примерок од бараните списи.
– Имајќи го предвид наведеното јасно произлегува дека барањата кои ова Јавно обвинителство ги истакна во рамки на постапката по предметот Пуч, се засновани на закон и не постојат никакви законски пречки за нивно удоволување. Според тоа и одолговлекувањето на почетокот на главната расправа во овој предмет не може да се препише на вина на ова Јавно обвинителство, кое во рамки на законските прописи, крајно професионално и одговорно постапува, се вели во соопштението од Специјалното јавно обвинилтекство.