Е мој Ѓорге, како граѓанин многу лесно се воочува намерата, но како адвокат не можам да сфатам што всушност направи. И не можам да најдам ниту едно лoгично објаснување, а уште помалку оправдување.
Но, веќе се случи.
Сега доаѓа расплетот.
Како професор по правни науки, би требало да ти е познато дека секогаш, во секое поле на дејствување, на било која позиција да бидеш, може да се имаат еден, двајца, но и еден куп советници, може да се имаат соработници, помошен персонал, но на крајот од сработеното, останува личната одговорност.
Личната одговорност се заснова на нормите на однесување. Тие се поврзани со етиката, моралот, редица други околности, но сите се подвргнати под една единствена – законските норми.
Дали се прашуваш Ѓорге за тоа кога ќе дојде тој момент, кој тебе ќе те аболицира?
Најверојатно не си ја сфатил основната премиса на раководењето, без разлика за какво раководење станува збор, но основната премиса е дека од моментот кога седнуваш на фотељата која ти е доделена, треба да размислуваш за денот кога ќе треба да станеш од таа фотеља, затоа што тогаш се полагаат сметките, тогаш гледаш што си направил, на каков начин тоа си го направил.
На ваков начин поставени работите, навистина се прашувам Ѓорге што направи.
Како на стручно лице од областа на меѓународните односи, треба и мора Ѓорге да ти биде кристално јасно дека кога е во прашање решавање на проблеми од областа на човековите права, во таков случај компромиси не можат да се прават, затоа што една од основните аспекти на националниот интерес претставува заштита на човековите права.
ТИ го направи токму спротивното, ги прегази човековите права на најдрзок можен начин, искористувајки само еден сегмент од она што ти го дава Уставот како право. Но забораваш дека Уставот ти дава и обврски, а една од основните обврски ти е да застанеш во одбрана на човековите права.
Еден од претседателите на САД – Х.Труман, ја има искажано општо прифатената мисла за начинот на однесување на еден државник – “Основната моќ која ја поседува Претседателот е да ги собира луѓето и да ги убедува да направат нешто што тие би требало да го сторат без убедување. На тоа го трошам најголемиот дел од моето време. На тоа се сведува моќта на претседателот“.
Да Ѓорге, ти ги собра и ги сплоти луѓето, но ги собра и ги сплоти против самиот себе, затоа што на овој начин ТИ направи насилство врз правниот систем, направи насилство спрема сопствениот народ.
Во услови кога владеењето на правото во Македонија е на најголемата критика од страна на Европската унија, од страна на САД, ТИ Ѓорге се реши со еден потег да ја доведеш свеста на луѓето на место на кое ТИ мислиш дека треба да биде.
И сето тоа го направи во услови на постоење на Устав, во услови на постоење на Закони, во услови на едногласно прифатено Специјално Јавно Обвинителство, во услови на постоење на правен поредок.
Со ова го прегази правниот поредок затоа што како професор по правни науки мора да ти е добро познато дека само од добар Устав и од добри закони може да се очекува добро изградена свест кај граѓанството, а не обратно, како што тоа ТИ го правиш.
Заради тоа Ѓорѓе, расплетот е само еден – ОСТАВКА и ОДГОВОРНОСТ.
Адвокат – М-р. Стојанче Геровски