(ВИДЕО) Фетаи: Талески го оштетил буџетот за 22 милиони денари за превоз за ученици во Битола

Од:

Обвинителката Фатиме Фетаи на прес конференција објави скандалозен и криминален начин на злоупотреба на буџетски средства за превоз на ученици за ученици од средните и основни училишта во Битола.

Новата истрага е со име „Транспортер“.

Ова, рече Фетаи има штетни финансиски последици врз буџетот на РМ, и врз сите граѓани. Општина Битола плаќала на превозни компании за превоз на учениците поскапо од градоначалникот на Токио. Вклучени биле многу превозници како Хера турс, Џемс турс, Турист превоз и за 11 лица ќе се бара притвор освен за аболицираниот градоначалник на Битола, кој како што кажа Фетаи не е поштеден од предистражни постапки за други коруптивни активности.

Ова е веројатно најскапиот превоз за ученици во светот, кој го плаќал градот на конзулите од средства од Буџетот на Република Македонија, се разбира надвор од сите законски норми.

Имено, по воспоставување на надлежноста од страна на ова обвинителство, а врз основа на прислушкуваните разговори, за кои сигурно се сеќавате дека двајца министри, од кои едниот е сеуште министер за Финансии посочуваа коруптивни активности на Градоначалникот на општина Битола, ова обвинителство презеде повеќе истражни дејствија во насока на испитување на ваквите наводи. Ќе видите дека во овој случај Министерот за финансии не погрешил во својата проценка, рече обвинителката Фатиме Фетаи.

-Всушност, предметот беше преземен од Основното јавно обвинителство Битола, кое исто така имаше отпочнато предистражна постапка и тоа обвинителство веќе имаше издадено наредба за економско вештачење за испитување на работата на општината во спроведувањето на јавни набавки за превозот на ученици.

Токму од вештиот наод на бирото за судски вештачења, како и од останатиот прибран доказен материјал обвинителството стекна сериозно уверување, се разбира во оваа фаза на ниво на основано сомнение дека општина Битола преку нејзиниот, сега веќе помилуван „градски татко“, веројатно плаќала поскап превоз за ученици во светот и од градоначалникот на Токио, со директни штетни финансиски последици врз Буџетот на Република Македонија, а со тоа несомнено врз сите граѓани на оваа држава.

Имено, постои основано сомнение дека градоначалникот на општина Битола и Претседателот на комисијата за јавни набавки на општината, формирана од Градоначалникот, во договор со директорите на основните и средните училишта во Битола и одговорните лица на превозниците ,,Хера-Турс“ ,,Транскоп“ АД, ,,Џем Турс“, ,,Боби Турс“, Џими турс, “ Д и А Хера транс “, “ Лука експрес “, “ Марија транс “, “ Турист превоз “, “ Хера превоз Новка “ и “ Гопеш транс “, нанеле вкупна штета на средствата од Буџетот на Република Македонија во износ од 22.024.891,00 денар или околу 360.000 евра, за само две учебни години.

Ваквиот износ на штета Кривичниот законик, конкретно членот 122 став 36 од истиот го класифицира како износ од големи размери, поради фактот што е поголем од износот на 250 просечни плати во Република Македонија во времето на извршување на делото.

Како што наведов, а ќе забележите и сами кога ќе Ви го презентирам начинот на кој инволвираните ја злоупотребиле службената положба и овластувањата, целокупните криминални дејствија имаат два константни учесници. Тоа се Градоначалникот на општината и Претседателот на комисијата за јавни набавки и сопственик на книговодствено биро кое водело книговодство на некои од превозниците кои ги добиле тендерите.

Тие учествуваат во сите дејствија. Тоа се 81 дејствие, кои се спротивни на Законот за јавни набавки, спротивни на склучените договори, спротивни на Законот за средно образованиe и спротивни на Законот за основно образование. Taкoв е ставот и на министерот за Финансии во споменатиот разговор, како што вели – коруптивни до даска. Со тоа што сега веќе тоа е став и на вештите лица, а произлегува и од останатиот прибран материјален и вербален корпус на докази.

Сега ќе ви презентирам неколку дејствија на извршување, за да не Ви одземам од Вашето времe, имајќи предвид колкав е интензитетот на настаните во државата. Имено, севкупно од страна на инволвираните се извршени 81 дејствие, меѓутоа на неколку различни начини на извршување и затоа ќе Ви презентирам дел од тие дејствија, а останатите одговараат на едно од нив. Поради тоа и некои од учесниците – осомничените се варијабилни. Како што кажав Градоначалникот и претседателот на комисијата се константа.

Имено, сега веќе помилуваниот градоначалник на Битола во 2009 година донел одлука за Јавна набавка за превоз на ученици, средства кои се наменска дотација обезбедени од Буџетот на Република Македонија.

По спроведена постапка од страна на комисијата за јавни набавки, Градоначалникот донел одлука со која за најповолни понудувачи биле избрани правните лица ,,Хера-Турс“ ДООЕЛ Битола, Транскоп“ АД Битола, ,,Џем Турс“, ДООЕЛ Битола и ,,Боби Турс“ ДООЕЛ Битола, како вршители на услугата. Веднаш потоа од страна на управителите на овие правни лица, вршители на услугата, градоначалникот како носител на јавната набавка и директорите на средните училишта, Др.Јован Калаузи, Таки Даскало, Јосип Броз Тито, Ѓорѓи Наумов, Јане Сандански и Кузман Шапкарев како корисници на услугата, биле склучени Договори за превоз на ученици.

Во договорите било предвидено да се формира комисија која ќе го следи исполнувањето на истите, составена од три члена и тоа од сите договорни страни по еден член.

Се чини дека до тука дејствијата се вршени по позитивните прописи, меѓутоа од тука натаму се е спротивно на тие прописи, кои веќе ги наведов, а ниту наведената комисија воопшто не била формирана.

Конкретно, иако ги знаеле сите факти за понудата, се разбира и цената дадена по авто денови, управителите на правните лица кои вршеле превоз на ученициите фактурирале износи значително повисоки од износите понудени и прифатени во јавната набавка. Таквите фактури со недоговорените износи биле одобрени од осомничените како директори на средните училишта – корисници на услугата, кои за овие фактури сочинувале месечен извештај и истиот го доставувале до градоначалникот на општината, кој ги одобрувал ваквите износи во извештаите и ги потпишувал налозите за плаќање на таквите недоговорени износи, спротивно на јавната набавка.

Наплатата, била извршена во периодот 2012-2014 година, во најголем дел преку цесии, поради фактот што на училиштата им биле блокирани жиро сметките поради неисплатен превоз.

На ист начин е направена злоупотреба на буџетски средства и со основните училишта. И директорите на основните училишта во договор со градоначалникот и превозниците биле криминално инфицирани, како и нивните колеги од средните училишта и постои основано сомнение дека сториле кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување.
За управителите на превозниците во 2009 -2010 година како одговорни лица не е предвидена кривична одговорност при јавни набавки и затоа за тој период истите не го стекнаа својството на осомничени лица.

Секако дека со тоа не се исцрпени сите криминални дејствија за кои постои основано сомнение дека се извршени од помилуваниот градоначалник на Битола и останатите осомничени.

Имено, во учебната 2010-2011 година општина Битола преку градоначалникот го плаќала превозот на ученици на сите возможни начини со цел да го оштети буџетот на Република Македонија, а во корист на локалните правни лица кои вршеле превоз. Се работи за криминален потфат кој барал исклучителна посветеност и тешко е во вакви услови да Ви го претставам во детали.

Воопшто со неколку зборови локалната самоуправа на Битола преку градоначалникот превозот на учениците го плаќала и на правните лица за организиран превоз на ученици, меѓутоа и на транспортните претпријатија кои биле носители на општинскиот линиски превоз за потребите на сите граѓани на општина Битола, односно го плаќала два пати.

Сега ќе Ви презентирам по неколку дејствија од сите начини на извршување на кривичните дела, а како што кажав останатите се реализирани на ист или сличен начин со овие дејствија, но со различни износи.

Имено, на ДСУ „Јане Сандански“, превозникот ДСТУ ,,Хера Турс,, ДООЕЛ Битола, доставил 10 фактури во вкупен износ од 304.080,00 денари, иако понудената цена за истиот период е 133.035,00 денари на кој начин за превозникот прибавиле имотна корист од 171.045,00 денари,

на ООУ „Александар Турунџев“ –с.Кукуречани Битола, превозникот Патнички сообраќај – Транскоп АД Битола, доставил 1 фактура во вкупен износ од 176.800,00 денари, иако понудената цена за истиот период е 84.000,00 денари на кој начин за превозникот прибавиле имотна корист од 92.800,00 денари,

Ова се примери за учебната 2009 -2010 година, а останатите примери се за учебната 2010-2011 година.

Имено, на осомничениот директор на СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ – Битола, осомничениот управител на превозникот ДПТ ,,Боби Турс,, ДООЕЛ Битола, му доставил 2 фактури за превоз на ученици за линии кои не се предвидени во тендерската документација, во вкупен износ од 80.540,00 денари и истите се платени, со што за превозникот е овозможена имотна корист, без спроведена постапка за јавна набавка за тие линии,

на осомничениот директор на СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ – Битола, осомничениот управител на превозникот Патнички сообраќај-Транскоп АД Битола, без спроведена постапка за јавна набавка и без склучен договор му доставил 5 фактури за превоз на ученици во вкупен износ од 1.476.200,00 денари и истите се платени, со што за превозникот е овозможена имотна корист, без спроведена постапка за јавна набавка за тие линии

на осомничениот директор на СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ – Битола, осомничениот управител на превозникот ДПУТП Д и А Хера Транс ДООЕЛ Битола, му доставил 10 фактури за превоз на ученици, во вкупен износ од 115.263,00 денари, врз основа на склучен договор помеѓу општина Битола претставувана од градоначалникот и претседателот на комисијата за јавни набавки, училиштето претставувано од осомничениот директор и превозникот, претставуван од осомничениот управител, иако овој превозник врши општински линиски превоз и не бил избран за најповолен понудувач по групната јавна набавка за превоз на ученици во општина Битола, таквите фактури се платени, со што за превозникот е овозможена имотна корист, без спроведена постапка за јавна набавка за тие линии и на осомничениот директор на ОУ„Др.Трифун Пановски“ – Битола, осомничениот управител на превозникот ДПТШТУ ЏЕМ ТУРС ДООЕЛ Битола, му доставил 10 фактури во вкупен износ од 93.698,00 денари и истите се платени, иако фактурираната цена отстапува од Тарифата донесена од Советот на општина Битола, на кој начин за превозникот прибавил имотна корист од 93.698,00 денари.

Од сево ова произлезе основано сомнение дека 22 лица ја искористиле својата службена и одговорна позиција за да работат исклучиво за свои лични интереси, се разбира лукративноста била врвна цел.

Поради тоа, денес е донесена наредба за спроведување истражна постапка против 22 лица, поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 од КЗ. По однос на градоначалникот на општина Битола Владимир Талевски не е донесена наредба за спроведување на истражна постапка, поради правни пречки-помилување од страна на Претседателот на државата.

Против 11 лица до Основниот Суд во Скопје ќе биде поднесен предлог за определување најстрога мерка за обезбедување присуство во постапката- мерка притвор, поради постоење на сите основи предвидени во член 165 од Законот за кривичната постапка, за определување на ваква мерка.

Исто така, во интерес за надомест на штетата предизвикана со овие дејствија, што секако е врвен приоритет и на ова обвинителство и на сите граѓани на Република Македонија, до судот ќе бидат поднесени предлози за изрекување на мерки против имотот на дел од осомничените и на дел од превозниците како правни лица, кои поради кривичните дела стекнале имотна корист, со конкретно барање за забрана на располагање со истиот. Конкретно, ќе биде побарана забрана за располагање за 3 стана, 8 патнички моторни возила и 33 автобуси.

Секако таквите мерки ќе бидат побарани и против имотот на градоначалникот на општина Битола бидејќи помилувањето како акт на милостина од Претседателот, во овој случај само спрема градоначалникот, не ја опфаќа ниту имотната корист од кривичното дело, ниту штетата која е должен да ја надомести.

За тоа не е помилуван никој.

Сепак имајќи ја предвид содржината на неовластено прислушкуваните разговори и широкиот опсег на коруптивни дејствија кои се посочуваат во истите, ве известувам дека против градоначалникот на општината се води предистражна постапка и за други коруптивни активности, за кои сеуште Претседателот не го ослободил од кривично гонење, рече Фетаи.

Би можело да ве интересира

Дел од измените на Кривичниот законик од утре стапуваат на сила: Што ќе значат за осудените ексфункционери

Александар Тодески

Судот во Стразбур ќе ја објави одлуката за поништената аболиција на Иванов

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Интервју со синот на Катица Јанева: Во пералната и фонтаната ни бараа прислушкувани разговори, мајка ми има што да каже, ќе дојде ден

Кристијан Ландов

Предистрагата за високите бонуси на поранешните специјални обвинители не мрда од „мртва точка“

Кристијан Ландов

Не се загрозува ниту еден предмет покренат од СЈО со враќањето на повторно одлучување, вели Заев

Ана Ололовска

Разрешен поротникот Сандев, четири предмети од СЈО ќе почнат од почеток

Кристијан Ландов