Без јавен сервис, но со причина и повод

Од:

Македонската радио-телевизија денес е пропагандна алатка на власта, медиум без своја препознатливост, руина од некогашната позната новинарска куќа. Неколку новинари од постарата генерација сведочат дека не било секогаш така и со носталгија се сеќаваат на „златните времиња“, кои денес се чинат светлосни години далечни.

Автор: Јана Колева

Македонската радио телевизија е јавен сервис на граѓаните, финансиран од нивните пари и според сите етички и законски начела, таа е должна да известува независно, непристрасно и да се стреми кон највисоките професионални стандарди на модерниот журнализам. Денес, за жал, незавидниот квалитет на медиумските услуги коишто јавниот сервис го испорачува веќе со години наназад, сосема ја разочарува пошироката јавност, а особено оние коишто се искалија во искусни новинари токму во оваа медиумска куќа.

Медиумските работници, кои што своите први чекори во новинарството ги зачекорија токму во МРТ, во моментов споделуваат длабоко разочарување од трансформацијата на нивниот новинарски дом во бескрупулозен мегафон на власта. Разговаравме со неколкумина од нив, со цел со нашите читатели да ги споделат искуствата од минатото, но и очекувањата од блиската иднина. Повеќето од нив воопшто не очекуваат дека МРТ може со некакви инстант-реформи, такаречи експресно, да се издигне од дното каде се прпелка во калта на пропагандата.

 

МТВ некогаш беше арена на политички дебати

 

Јадранка Костова, веќе долги години главна уредничка на неделникот „Фокус“, потекнува од оваа куќа. Таа вели дека МРТ како јавен сервис имал свои недостатоци уште во деведесеттите и видно заостанувал зад квалитетот на јавните сервиси во другите југословенски републики. Сепак, вели таа, ова што се случува во моментов е неспоредливо со најцрните мигови во историјата на јавниот сервис.

– Мислам дека генезата на партизацијата на МРТ треба да се бара некаде во периодот од 1994 до 1998 година. Не беше тоа во вакви димензии, но чесно е да се каже дека тогаш почна. И од тогаш, секоја наредна гарнитура која што доаѓаше на власт, очигледно се обидуваше да се надогради на тој план. Иако, споредено со денес, средината на деведесеттите години и не делува толку страшно. Во моментов работата е толку забегана, што МРТ воопшто и не може да се нарече јавен сервис. Многу ми е жал до кое ниво е падната куќата. Јас сум израснала во МРТ и навистина ми е тешко ми е кога гледам до каде стасавме – вели Костова.

duel

Таа додава дека сега, кога веќе се дозволило работите да дојдат до овој стадиум, апсолутно нема никаква надеж за брзопотезно средување на нештата.

– Проблемот јас го гледам во тоа како политичките партии го сфаќаат јавниот сервис. Кога се во опозиција, тие имаат нормални ставови, но кога се на власт, тоа е веќе нешто друго. Сепак, ова што се случува во моментов е врв на контролата. Исклучително ретко гледам МРТ и секогаш се каам кога го пуштам тој канал. Не верувам дека нешто може брзо да се смени на подобро – разочарано вели Костова.

Мира Костиќ, долгогодишна новинарка во Македонското радио, навраќајќи се на осумдесеттите години од минатиот век, вели дека од систем на едноумие, јавниот сервис завршил во безумие.

– Во осумдесеттите беше еднопартиски систем. Владееше едноумие, иако на партиските состаноци, се сеќавам, имаше жестоки спротивставувања на ставови и различни мислења. Во деведесеттите, по падот на социјализмот, дојде до израз плурализмот. Се регистрираа огромен број партии, а на програмите на МРТ беше застапен секој политички субјект. Иако на дебатите генерално се канеа партиите коишто беа поголеми, сепак, пред избори, немаше никаква селекција и сите политички субјекти кои учествуваа во изборниот процес имаа можност да си ги искажат ставовите за сите прашања. Во раните деведесетти имаше навистина еден демократски и плуралистички процут на МРТ и постојано имаше дебати од интерес на граѓаните – се сеќава Костиќ.

Не само таа, туку и многу повозрасни гледачи добро се сеќаваат на тие „златни години“ на јавниот сервис.

tumblr_n8e1pwVrLy1s9ze70o1_1280

– Се сеќавам на првите парламентарни избори во 1991 година. Беше тоа неверојатно искуство за нас гледачите на МРТ. На екраните дефилираа луѓе кои се претставуваа како политички лидери и кандидати за пратеници, а беа тотално непознати. Зборуваа чудни работи, некои дури и смешни. Имаше дебати во кои минутажата за исказите и за репликите се мереше како на квизови. Денес тоа е незамисливо. Можеби и тоа е причината што тогаш поименично ги знаевме сите пратеници од првиот состав на парламентот, а денеска не познавам ниту една четвртина од нив – вели еден постар скопјанец, пасиониран гледач на домашните телевизии.

 

Храбри новинари, а не држачи на микрофони

 

Осврнувајќи се на сегашните состојби на МРТ, Мира Костиќ вели дека дебатите на МРТ денес се дебати помеѓу истомисленици. Нема размена на мислења, која што на јавноста ќе и даде една поинаква слика од онаа што сега ја пласира само еден политички субјект.  Од „златните времиња“ на јавниот сервис, Костиќ се сеќава на емисијата „Хајд парк“, емитувана на Македонското радио, укината кон крајот на деведесеттите.

– Во таа емисија, граѓаните ги кажуваа своите ставови, вообичаено без говор на омраза, во рамките на пристојноста. Политичарите таму го слушаа гласот на народот – раскажува Костиќ.

И Катерина Цаневска ја почна својата кариера во МРТ  уште како дете, од детската радио-драма и младинските емисии, сѐ до документарните и информативните програми. Таа вели дека од некогашниот угледен, ценет и професионален јавен сервис, денес не останало буквално ништо

– Иако морам да кажам дека сите власти имаа желба да „владеат“ со МРТ, сепак новинарите и уредниците порано успеваа да се изборат за  новинарските стандарди. На колегиумите разговаравме отворено, самите ги креиравме вестите. Дебатиравме и секој можеше да го каже своето мислење и да се бори за него. МРТ беше позната по своите дебати. Политичките дебати беа реален одраз на стварноста. Секогаш беа канети и учествуваа претставници од релевантните политички субјекти, без притисоци, без наместени прашања или фаќање страна – раскажува Цаневска.

3_emiter_P11-02-12_13.39

Дури и кога се случувало функционерите да се најдат во „небрано“ поради новинарските прашања, новинарите биле последните кои имале последици од тоа, се сеќава Цаневска и сведочи:

– Мене никој никогаш не ми се мешал во поставувањето на прашањата или во изборот на гостите. Се сеќавам, еден тогашен висок функционер, налутен од моите за него непријатни прашања, стана и го напушти студиото. Мене никој ништо не ми забележа. Си продолжив најнормално со работата. Новинарите од МРТ, за разлика од сегашниве, на настаните поставуваа прашања, ама не нарачани. Не беа само држачи на микрофони. Предизборните соочувања на МРТ сѐ уште се паметат, бидејќи во последниве десет години такви нема. Дебатите имаа голема гледаност и ниту еден политичар или политичка партија не помислуваше да одбие да учествува, а камоли да забрани да се одржи дебата. На сите им беше совршено јасно дека мора да одговорат на прашањата што ги интересираат граѓаните. Денес, кога ова го велам, тоа мора да ви изгледа сосема нестварно.

 

Двата дрим-тима на МРТ

 

Зоран Бојаровски издвојува две емисии кои највидливо ја покажуваат разликата во продукцијата на МРТ некогаш и сега.

– На крајот на осумдесеттите и во почетокот на деведесеттите, во етерот, меѓу другите, се слушаа и се гледаа Пладневниот радио весник на Радио Скопје – Македонско радио и емисијата „Без наслов но со повод“. Во 15 часот и 30 минути, почнуваа радио вестите, кои беа првата порта кон светот и кон домашните настани. Кога овие вести ги водеа Зоран Иванов, Александар Чомовски, Градимир Јовановиќ, Хари Миновски, Јосиф Ќуркчиев, Лилјана Јаковлевска, Мојсо Мојсовски, Војко Рафајловски, Мира Костиќ и други колеги, знаевме дека добиваме вистинска селекција на професионално подготвени, релевантни и објективни вести. Најважно од сѐ беше дека тоа беа информативни содржини кои беа ослободени од партиско влијание. Во тој период на деструкција на Југославија и граѓанска војна, беа потребни големи новинари, а такви беа новинарите од екипата на Пладневниот радио весник – се сеќава Бојаровски.

16486611239_c91db7ff50_o

Една друга екипа новинари со високо изразена политичка свест и највисоки професионални стандарди, според Бојаровски, беа новинарите од тимот на телевизиската емисија „Без наслов, но со повод“.

– Во исто време, на Македонската телевизија, една друга храбра екипа освојуваше нов, слободен простор. Тоа беше екипата на „Без наслов, но со повод“. Гордана Стошиќ, Јадранка Костова, Оливера Трајковска, Љубиша Николовски, Роберт Поповски, Горан Величковски… Во таа емисија имав чест да придонесувам и јас во неколку емисии. Во тој слободен простор се отворија првите автентични, вистински, плуралистички дебати. Ги вкрстија аргументите актерите на политичката транзиција. Нема да биде претерано ако кажам дека беше тоа судир од историски и епски размери – вели Бојаровски.

 

Време без репери и без стандарди

 

Сите се согласни дека постоечкиот Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги предвидува сосема коректни начела и принципи за работата на !!br0ken!! Потребата за реформирање на јавниот сервис, која се јавува како горливо прашање во последно време, произлегува од експлицитното непочитување на принципите и законските прописи.

Насер Селмани од Здружението на новинарите на Македонија, говорејќи на дебати околу потребата од реформирање на јавниот сервис, смета дека проблемот лежи во програмскиот совет на !!br0ken!! Според Селмани, Советот не ја извршува својата должност како главен коректив на работата на куќата, поради тоа што власта нашла начин да ги заобиколи критериумите за независност на членовите на ова тело и во него да инсталира партиски послушници.

naser.s

Според Законот, во однос на програмите кои ги емитува, МРТ е должна да создава и да емитува програми достапни за целокупната јавност во земјата, со цел активно да придонесува за создавање и развој на слободното мислење и информирање на јавноста и да биде двигател на демократските процеси во државата, како и да ја промовира и унапредува културата на јавен дијалог и да овозможи арена за широка јавна дебата по прашања од јавен интерес. (Член 107).

Во поглед на стандардите и начелата за работа, пак, новинарите и уредниците во МРТ се должни да се придржуваат кон начелата на непристрасност и сеопфатноста на информациите, на политичка избалансираност и плурализам на гледишта и да не фаворизираат ставови и интереси на одредена политичка партија и во програмите еднакво да го уважуваат мислењето и уверувањето на другите.

На хартија, сево ова звучи толку логично и едноставно. Но, во праксата, ништо од тоа не се остварува. Реперите за тоа што е нормално новинарско известување и култура на делиберација кај новите генерации се спуштени до ниво на непрепознатливост. Македонија денес е без јавен сервис, поради добро позната причина и повод – силна партиска контрола врз овој медиум. Можеби некој од колегите од МРТ ќе каже дека претеруваме. Но, ако е така, зошто тогаш денес никој не може да наброи не три или четири, туку макар еден производ, макар еден „бренд“ на оваа медиумска куќа, по која таа би била препознатлива како вистински јавен сервис?

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска