Американската агенција за истражување на вселената објави во новиот извештај дека мразот кој го покрива Арктикот во 2016 година е на рекордно ниско ниво.
Како што се наведува, секоја година во март висината на мразот кој го прекрива Арктикот (Северниот пол на Земјата) е во својот врв, додека својот годишен минимум го остварува во септември.
– Оваа година сме сведоци на исклучително топла зима. Температурите се од 5,5 до 8,3 степени над нормалните на Арктикот. Ова се рефлектира во многу ниското ниво на мраз на површината на морето, кое главно расте во ова време на годината, тврди научникот Волт Мајер од НАСА.
Според неговите зборови, мразот на Арктикот е многу важен, затоа што делува како „клима-уред“, односно помага за ладење на северната хемисфера.
– Да ја погледнеме и водата во океаните. Потемните води на океаните апсорбираат повеќе сончева енергија што за возврат дава вода која брзо се загрева, а таквата води топи повеќе мраз, рече Мајер, додавајќи дека топењето на арктичкиот мраз целосно ја менува атмосферската циркулација.
– Она што се случува на Арктикот не останува само таму. Кога тој предел се загрева, односно топи, се менува балансот меѓу Арктикот и пониските географски ширини. Тоа ги менува временските услови и создава млазни струии и бури, заклучи Мајер.
НАСА од крајот на 1970 година врши следење на Арктикот, висината на морето и мразот на тоа подрачје.
Минатата година агенцијата забележа најниско ниво на мраз на Арктикот некогаш регистрирано, додека во 2016 година висината на мразот е меѓу најниските во изминатите неколку децении.
Во исто време, гледајќи ја целата зимска сезона, на северната хемисфера оваа година зимата беше два степени над просекот што е најтоплата зима некогаш забележана на тоа подрачје.