Во периодот од 2012 година до денес Уставниот суд одбил 5 иницијативи за оценување на закони кои ги кршат човековите права, оценија учесниците на дебатата „10 години неправда“ со осврт на Уставниот Суд и уставниот поредок во РМ, што ја организираше Хелсиншкиот комитет за човекови права, како дел од граѓанската акција „Заслужуваме подобро“.
Гордана Дувњак, Драшко Костовски, Трендафил Ивановски, Жарко Трајановски и Љубомир Фрчкоски претставија пет случаи кога Уставниот суд одбил да укине закони што според меѓународни препораки, Венецијанската комисија и според стручната јавност сериозно се во судир со уставот на РМ.
– Уставниот суд, изминативе години редовно ги одбиваше иницијативте кои се однесуваа на слободата на изразување. Како резултат на тоа, сега новинарите, под притисокот на заканата од тужба, размислуваат дали да објават текст кој се однесува на некој функционер, а Уставниот суд ги брани правата на полтичарите, а не на граѓаните, рече Дувњак.
Во македонски услови процесот на лустрација се злоупотреби за да се совладаат неистомислениците на власта. Токму тоа се поклопува со овој десетгодишен период на заробената држава.
– Со неколку измени на законот за лустрација, не се оствари тоа што беше првичната одлука на Уставниот суд, наместо да се стеснува кругот, тој се прошируваше, потоа следуваше уште една одлука на Уставниот суд со која беа укинати 12 одредби од овј закон, а во 2012 и 2013 година се измени и персоналниот состав на Судот, здравиот разум налагаше овој закон да биде укинат, но се отиде во поголемо лудило да се лустрираат умрени луѓе. Сето ова значеше уривање на уставно правниот поредок во државата, се судираше со самиот Устав, рече поранешниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски.
Тој кажа дека и самиот бил жртва на овој процес на претварање на законот за лустрација на алатка за борба на владејачката партија со политичките неистомисленици
– Единствената причина беше затоа што не бев нивен истомисленик и затоа што уште на самиот почеток кажав дека овој процес на лустрација значи помрачување, поништување на човечкото достоинство, а позадината беше дека беа поништени закони кои беа неуставни. Како резултат на судирот со поранешниот претседател на владата, јас бев лустриран, рече Ивановски.
Жарко Трајановски зборуваше за одбивањето на иницијативата на Хелсиншкиот комитет за оспорување на уставноста на Законот за семејство, поднесена на 17 мај 2012, што беше одбиена од Уставниот суд на 28 ноември 2012 година.
– Судот кога ја разгледувал иницијативата, разгледувал нешто што го нема во овој конкретен закон, а што е уште посрамно дошол до погрешен заклучок дека “ниедна категорија на граѓани кои би можеле да бидат потенцијални жртви не е иземена“ – ова е тотално погрешно, зашто токму со дефиницијата една група граѓани се иземени, рече Трајановски.
Според него кога луѓе кои кои неможат да изведат логична реченица се надлежни да одлучуваат за клучни прашања за човековите права, владеењето на правото и заштитата на Уставот, може да се заклучи дека едноставно не постои институција која ја штити уставноста.
– Имаме институција чие мнозинство е под контрола на една партија, која уште пред да дојде на седница на Судот, одлучува за тоа што треба да биде донесено како одлука од сите 9 судии. Ако е така, како што јавно го кажа посредникот Ванхауте, тогаш Уставниот суд е киднапирана и заробена институција од страна на партијата на власт, рече Трајановски.
Драшко Костовски зборуваше за случајот кога беше одбиена иницијативата за оценување на уставноста на законот за прекин на бременост, иако во судијаката Наташа Габер, во издвоено мислење предупреди дека мора да се земат предвид меѓународните закони. Во 2013 година законот беше изменет без консултации со стручната јавност и грашаните. Се воведоа низа ограничувања и драконски казни. Како резултат на тоа, имаше случаи како со жена која 5 дена носеше мртов плод, бидејќи лекарите се плашеле од казна, а Уставниот суд не согледа како тој закон влијае во праксата.
– Аргументите на Уставниот суд беа идентични со оние на министерот Тодоров. Уставниот суд беше без свој став, рече Костовски.
А.Б.