„Министерот Ставрески не само што не се произнесува, позитивно или негативно, по барањето на општината Центар за изградба на основно училиште, туку и надлежниот сектор за меѓународни финансиски односи и управување со јавен долг во Министерството за финансии веќе 18 дена не смее да одговори на мојата писмена ургенција дали документацијата на барањето од општина Центар е целосна или се потребни дополнителни податоци.
Ако во минатото за барокните градби во општина Центар министерот Ставрески ги потпишувал одобренијата за не повеќе од две недели, сега за изградба на основно училиште ни после 35 дена од поднесено барање не може да се добие одговор до каде е постапката.
Не навлегувајќи во крајната одлука на Министерот Ставрески, јасно е дека во делот на процедурите се работи за двојни аршини во постапувањето. Ова е класичен пример на партиски реваншизам врз грбот на децата од населбата Капиштец.
Одвојувањето на партијата од државата е мисловна именка во работата на Министерството за финансии“, се вели во соопштението на дополнителниот заменик министер Кире Наумов, околу изградбата на основно училиште во населбата Капиштец.