Министерката за надворешни работи на Индонезија, Ретно Марсуди денеска изјави дека нејзината држава сака и ќе настојува да ги одржува добрите односи со Кина.
Таа оваа изјава ја даде по сериозниот инцидент меѓу бродовите на крајбрежните стражи на Кина и Индонезија, минатиот викенд, кога кинеските морнари со закана на употреба на сила го ослободија кинескиот рибарски брод фатен во илегален риболов.
Индонезија денеска и со официјална нота побара објаснување за инцидентот од Пекинг.
Медиумите и дел од политичките лидери во Индонезија инцидентот го нарекоа „пресериозен“ за да може да се реши само со формално извинување.
Потпретседателот на Парламентот, од говорница го повика претседателот Јоко Видодо да покаже дека е силен политички лидер и на највисоко ниво да го реши спорот.
Аналитичарите не очекуваат поголема затегнатост во релациите на Џакарта со Пекинг. Индонезија, која нема спорни прашања со Кина околу сувереноста над спорното Јужно Кинеско Море со нејзината дипломатија интензивно посредува во изнаоѓање на решение за споровите во големото и значајно море.
Кина полага право на целосен суверенитет над Јужното Кинеско Море, а територијални барања имаат Филипините, Малезија, Брунеј, Тајван и Виетнам.