Од 1-ви јануари 2013 година целосно ќе биде либерален превозот на стока меѓу Македонија и Босна и Херцеговина.
Министерството за транспорт и врски денеска соопшти дека Македонско-босанската мешовита комисија за меѓународен патен сообраќај потпиша протокол со кој од Нова Година се укинува квотата на дозволи за трети земји кои досега меѓусебно ја разменуваа двете земји, што значи дека од 1-ви јануари следната година билатералниот, транзитниот и превозот за и од трети земји за превозниците од Македонија и Босна и Херцеговина ќе биде целосно либерален односно без режим на дозволи.
– Министерството за транспорт и врски континуирано одржува состаноци на мешовитите комисии за меѓународен патен сообраќај за дополнување на квотите на транспортни дозволи и либерализирање на превозот со земјите со кои остваруваме економска размена со цел овозможување на непречен транспорт за македонските транспортери. Преку овие активности веќе е овозможено целосно либерализирање на превозот со Чешка, Словачка, Велика Британија, Швајцарија и Унгарија, се наведува во соопштението.
За земјите со кои се разменуваат транспортни дозволи, како што се посочува од Министерството, во 2012 година до сега се обезбедени дополнителни дозволи за земјите со кои се остварува економска размена, меѓу кои Италија, Бугарија, Романија, Турција, Хрватска, Србија и други.