Околу 1.500 групни и поединечни маски на карневалот „Прочка 2016“ во Прилеп

Од:

Во два карневалски дена в сабота и недела на 12 и 13 март, околу 1.500 групни и поединечни маски ќе продефилираат во рамки на јубилејниот 15-ти меѓународен карневал „Прочка 2016“ во Прилеп.

Како што соопшти на денешната прес-конференција Снежана Ристеска, советник за култура при прилепската локална самоуправа Прилеп е подготвен за одржување на јубилејниот меѓународен карневал.

– Ние, од локалната самоуправа, како организатори, заедно со здружението „Мечкари“ сме горди на реномето што го има карневалот кај нас и надвор од земјава. На карневалските денови, в петок од 12 часот во Центарот за култура „Марко Цепенков“ им претходи традиционалната изложба на маски што ги прават учениците од основните и средните училишта. Годинава ја реализираме долгогодишната идеја, в сабота, посебно да биде дефилето на детските маски. Парадата на карневалските учесници до 12 години ќе почне од основното училиште „Кочо Рацин“ во центарот на градот. Како придружни настани се: куклена претстава, маѓионичари, жонглери, акробатска претстава на плоштадот „Методија Андонов-Ченто“ и сето тоа да заврши со заедничка забава, појасни Ристеска.

Главен настан е карневалското дефиле, в недела, од 13 часот, во центарот на Прилеп. Со бројни поединечни и групни маски ќе се претстават домашните и странските учесници.

– Очекуваме над 1.500 учесници во групните маски. Освен од Прилеп и повеќе градови од Македонија, имаме најавено учесници од Србија, Хрватска, од Словенија, Грција, од Албанија, Бугарија и од Италија, изјави Ристеска.

В недела од 19 часот во Центарот за култура ќе има ретроспективна визуелна изложба на спомени за досегашните карневалски случувања низ годините, како и промоција на монографија за Карневалот.

Се очекува на карневалските свечености да присуствува и претседателот на карневалската асоцијација на европските градови, Ван дер Крон.

Од 21 часот, в недела, во хотелот „Липа“ е заедничката карневалска забава со наградените маски од годинашниов меѓународен карневал.

Според градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески карневалот е одраз на вековната традиција на маскирање за верскиот празник „Велики Поклади-Прочка“ и со долгата традиција на Мечкарите, како заштитна маска на карневалот.

– Традициите се вековни, а Прилеп организирано го прави карневалот 15 години, од кои последните десет како членка на Европските карневалски гардови. Ќе имаме многу маски-учесници од земјава, Балканот, од Европа. Угостителските објекти и хителите се веќе организирани, резервирани се капацитетите за гостите. Советот на општина Прилеп, со одлука, за два часа го продолжи работното време на угостителските објекти. На граѓаните и на гостите им останува со себе да понесат само добро расположение и карневалска маска, вели Ристески.

Според процените на организаторите, локалната самоуправа и здружението „Мечкари“ за време на карневалските денови се очекуваат околу 15 000 посетители.

Би можело да ве интересира

Над 500 учесници на карневалот во Кавадарци, градот има вински кралица и крал

Предраг Петровиќ

(ВИДЕО) Три лица тешко повредени на карневал во Лондон

Горан Наумовски

IQOS караванот ќе ја посети Струмица за време на Струмичкиот карневал

Карневалот во Рио повторно откажан поради пандемијата

Ана Ололовска

Карневалот во Рио де Жанеиро во 2022 година ќе трае 40 дена

Ана Ололовска

Откажан Карневалот во Рио